Нина Ангеловска реизбрана за претседател на Асоцијацијата за е-трговија

126

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) во онлајн-формат одржа Годишно собрание на кое Нина Ангеловска е повторно избрана за нејзин претседател и воедно член на Управниот одбор. Во поздравниот говор Ангеловска истакна дека Асоцијацијата за е-трговија работи речиси пет години со заложби за забрзување на развојот на е-трговијата и трансформацијата кон дигитално општество.

„АЕТМ има многу силни страни кои ги црпи од довербата и поддршката од членството, приватниот сектор и донаторите до силна регионална мрежа и цврсти релации со сите засегнати страни и капацитетен тим кој презема акција за адресирање на пречките и бариерите кои стојат на патот. Агилноста, флексибилноста и способноста за постојано надградување се клучни за одговарање на предизвиците со кои се соочува е-трговијата. Македонската е-трговија расте со забрзана динамика по КОВИД-19, но темпото не е на задоволително ниво ако се споредиме со другите земји и ако го имаме предвид поширокиот контекст и неискористен потенцијал, бидејќи споредувањето сами со себе од претходната година не е доволно. Секогаш може повеќе и секогаш може подобро“, истакна Ангеловска.

Според одлуката за избор на органите на управување на АЕТМ, покрај Ангеловска, за членови на УО се избрани и Виктор Стојкоски, Филип Чижбановски, Снежана Станковиќ, Миле Бошков, Дамјан Дано и Бојан Тодоровски.

На Годишното собрание, како што информира АЕТМ, презентиран е и усвоен планот на активности за 2022 година, според кој дел се насочени кон реализација на две нови иницијативи – организација на првите награди за е-трговија во земјава и почеток на нова иницијатива: „Алијанса за родова еднаквост на работното место” со која АЕТМ ќе се стреми да придонесе кон еднакво вреднување на трудот, еднакви можности и еднаква застапеност на мажите и жените на работното место.

Асоцијацијата ќе ги реализира и двете тековни годишни иницијативи – организација на петтата Конференција за е-трговија и објава на најновата годишна анализа за е-трговија.

„Покрај ова, дел од активностите на АЕТМ се насочени и кон реализација на проектите започнати во 2021 година – иницијативата „Agri e-commerce” за зајакнување на дигиталните вештини на домашните агропроизводители и пласирање на нивните производи на дел од најпознатите веб-платформи за е-трговија и започнување со развој на регионална веб-платформа за е-трговија за пазарите кои се дел од ЦЕФТА“, соопшти АЕТМ.