Порше и Ферари бараат ослободување од забраната за мотори со внатрешно согорување

59

Производителите на луксузни спортски автомобили Ферари и Порше бараат да бидат изземени од одлуката на ЕУ да ја забрани продажбата на автомобили со мотори со внатрешно согорување до 2035 година, пишува Блумберг.

Ова го договорија Европската комисија и земјите членки, а неодамна и Европскиот парламент ја изгласа одлуката за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

Останува Советот на Европската унија, односно лидерите на земјите-членки да го потврдат тоа, што, како што навестија во Брисел, може да се случи веќе во март.

Сепак, Европската комисија во петокот во Брисел, по одлуката на земјите-членки на ЕУ да го одложат усвојувањето на забраната во целата Унија по 2035 година, соопшти дека Комисијата ја разбира загриженоста на одредени земји по ова прашање.

Иако припаѓаат на тесен сегмент од автомобилската индустрија, статусот на Порше и Ферари како национални икони беше доволен за да ги поттикне нивните влади да го преиспитаат планот на ЕУ минатата недела, само неколку дена пред закажаното гласање.

Овој потег го потресе Брисел и повторно ги отвори прашањата за наводно климатски неутрални е-горива, кои се покажаа како прескапа алтернатива за многу производители.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен треба да се сретне со канцеларот Олаф Шолц на маргините на состанокот на германскиот кабинет во недела, каде најверојатно ќе се разговара за прашањето за е-горивата.

Како што потсетува Блумберг, Германија е сè уште единствената европска нација без ограничувања на брзината на делови од нејзиниот познат автопат, а противењето на предложениот закон на ЕУ ја покажува неподготвеноста на нацијата да се збогува со некои суштински симболи, како моделот 911 на Порше.

Сепак, напорите да се забави усвојувањето на законодавството на ЕУ во толку доцна фаза предизвикаа критики од автомобилската индустрија. Производителите кои инвестираат милијарди во производството на електрични автомобили не сакаат да се пренасочат кон скапа потенцијална алтернатива.

Додека повеќето производители на автомобили вложуваат десетици милијарди за производство на електрични возила, Porsche инвестираше во фабрика за е-гориво во Чиле, делумно затоа што производителот на автомобили не планира да го произведува својот спортски автомобил 911 со приклучок.

Возењето возила со мотори со внатрешно согорување на климатски неутрален начин, исто така, може да помогне да се забрза декарбонизацијата на транспортниот сектор, вели портпаролот на Порше.

Ферари соопшти дека бара алтернативни горива за да продолжи да произведува автомобили со мотори со внатрешно согорување.