Продолжен престој за странци кои се сопственици на недвижен имот во Црна Гора

28

kotor

Владата на Црна Гора го усвои предлог законот за странци со кој, меѓу останатото, тие можат да престојуваат до една година во земјата само доколку поседуваат недвижен имот.

Генералниот директор на Директоратот за внатрешни работи, Абид Црновршарин, вели дека на тој начин ќе бидат решени проблемите на голем број странци, кои се легални сопственици на недвижен имот во Црна Гора, но не можеле во земјата да останат подолго од 90 дена, јавуваат тамошните медиуми.

“На овој начин не само што ќе го регулираме прашањето на постоечките сопственици, туку ќе ги стимулираме странците и понатаму да вложуваат во недвижен имот во Црна Гора, бидејќи на основа на сопственоста ќе им биде овозможено да престојуваат во земјата до една година, што можат да го продолжуваат додека се сопственици на имотот“, вели тој.

Досега влезот, излезот, престојот, пријавувањето на работни дозволи и вработување на странци биле регулирани со повеќе закони, но ова е прв пат оваа област да биде дефинирана со еден правен акт.

Со овој закон се отстрануваат скоро сите административни бариери и се создаваат услови странците сите свои статусни прашања да ги решаваат во една постапка и тоа само во Министерството за внатрешни работи на Црна Гора.