Раст на кредитите во април

6

Првичните монетарни податоци за април покажуваат солиден месечен прираст кај вкупните депозити, кој во еден дел произлегува од растот на штедењето на домаќинствата, а делумно е одраз и на растот на корпоративните депозити. На кредитниот пазар, во април продолжи месечниот раст на кредитите, при раст на кредитирањето и на домаќинствата и на корпоративниот сектор, меѓу другото беше истакнато на редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, банките имаа релативно мала потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити, при натамошно зголемување на денарската ликвидност на банкарскиот систем, која и натаму беше насочувана кон расположливите депозити кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти.

Растот на ликвидните средства во банкарскиот систем во овој период, и покрај сезонски повисоката побарувачка на денарска готовина, беше поврзан со ликвидносниот ефект на трансакциите на државата и интервенциите на Народната банка за откуп на 29 милиони евра. Релативно високиот откуп на девизи од страна на Народната банка беше остварен во услови на сезонски зголемена понуда на девизи на менувачкиот пазар пред велигденските празници и пониска месечна нето-побарувачка на девизна ликвидност од фирмите.

По намалувањето на каматната стапка во март, на оваа седница Комитетот оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што одлучи каматната стапка на благајничките записи да остане на истото ниво од 2,25%. Исто така, на седницата се одлучи понудата на благајнички записи за аукцијата што ќе се одржи на 15 мај 2019 година да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.

Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на новите макроекономски проекции, при што заклучи дека економските фундаменти се здрави и без присуство на нерамнотежи во економијата. Отсуството на нерамнотежи е видливо преку стабилната инфлација и поволната надворешна позиција, околности кои придонесуваат за поволни движења на девизниот пазар и интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годинава. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата упатува на стабилни очекувања и поволни согледувања.

Во однос на најновите макроекономски показатели, по релативно солидниот раст на економијата во 2018 година, досега расположливите високофреквентни показатели за економската активност во првото тримесечје на 2019 година упатуваат на натамошни поволни поместувања во економијата, видливи преку забрзаниот раст на индустријата и трговијата, при истовремен натамошен, но поумерен раст кај градежништвото.

Просечна годишна стапка на инфлација остварена во првите четири месеци изнесува 1,4%, при очекувања за стапка на инфлацијата од 1,5% за целата 2019 година. Ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година засега се оценуваат како урамнотежени.

Бројот на показателите од надворешниот сектор е ограничен, но досега расположливите податоци упатуваат на релативно поволна надворешна позиција. Во однос на адекватноста на девизните резерви, сите показатели остануваат во сигурната зона.