Вмрежување и градење тим на шестата генерација на Top Class програмата на CEED Македонија

21

Изминатиот викенд во х. Силекс во Охрид се одржа првиот networking настан на учесниците во шестата генерација на Top Class програмата на CEED Македонија.

Покрај новите учесници на Top Class генерација шест, присуствуваа и учесници од претходните генерации, но и некои од нивните ментори. Беа претставени активностите и придобивките на Top Class програмите и беа дефинирани правилата на однесување во текот на целата програма. Исто така беа презентирани и активностите на CEED Регионалниот клуб на менаџери и претприемачи.

Покрај вежбите за градење на тим, учесниците имаа одлична можност да разменат искуства помеѓу себе и со менторите. Учесниците од претходните генерации, на новата генерација им ги пренесоа своите искуства и конкретните придобивки од Top Class програмата од вмрежувањето и контактите остварени преку оваа програма. Тие ги раскажаа своите успешни приказни за подобрување на позицијата, зголемувањето на профитот, за ширење на странски пазари, бројни соработки остварени токму преку контактите на CEED Македонија.

CEED Top Class е ексклузивна програма во која се селектираат претприемачи и менаџери во подем, кои индивидуално, во период од една година ќе имаат уникатна можност за менторство од тројца најдобри македонски и регионални претприемачи и менаџери. На учесниците на оваа програма, покрај размената на искуства, им се овозможуваат директни средби со локални компании и компании од регионот и светот, како и пристап до инвеститори од Македонија, регионот, Европа и Сад, контакти со проектите на УСАИД и други меѓународни организации.

Во CEED Регионалниот клуб на менаџери и претприемачи право да членуваат имаат сите досегашни учесници во Top Class програмите. Клубот има за цел да го етаблира менаџментот и етиката во бизнисот во Македонија и регионот.

CEED Регионалниот клуб на менаџери и претприемачи е првиот претприемачки и менаџерски клуб во Македонија со регионални канцеларии во Словенија, Бугарија, Романија, Србија, Црна Гора, Косово, Полска, Ерменија, Албанија, БиХ и Бангладеш, а во процес е отворање на канцеларии во Молдавија и Мароко.