За 200% зголемени рекламациите на слободниот поштенски пазар

47

До Агенцијата за пошти годинава биле доставени 34 претставки, а причина за релативно малиот број поплаки во однос на извршениот обем на поштенските услуги е ниската свест и недоволната информираност. Во Агенцијата, се евидентирани и неколку случаи во кои корисниците се измамени од нерегистрирани онлајн продавници, а откриени се и локации на магацини на шеесетина нерегистрирани е-трговци. Рекламациите за услугите од давателите на слободниот пазар се зголемиле за 200%, пренесува МИА.

На денешната јавна седница на АП беше соопштено дека во 60% од претставките до регулаторот, корисниците не се задоволни од услугата на давателот на универзалната услуга, а 40% се однесуваат на работата на останатите даватели.

“Во неколку од претставките до давателот на универзалната услуга корисниците приговараат за начинот на доставување на пратките, но зачестени се и претставките во кои се бара информација за статусот на пратките кои се очекуваат од меѓународниот сообраќај. Со целата ситуација со пандемијата, која предизвика и прекин во авионскиот сообраќај, отежнат беше и поштенскиот сообраќај што повлече и доцнење во доставата, но и во испораката на пратките до крајните корисници односно примачи. По ваквите барања, Агенцијата во коресподенција со националниот давател, навремено ги информира подносителите за ваквата состојба и им даде соодветни податоци за предметните пратки“, информираше на седницата директорката на АП Билјана Аврамовска Ѓореска.

Основот за незадоволство кај приватните даватели на поштенски услуги е различен, корисниците се жалат за пробивање на рокот за достава на пратки, пријавуваат губење пратки и невраќање откуп од пратките со откупнина. Анализата на АП покажува дека бројот на рекламации кај давателите на поштенски услуги  на слободниот пазар е зголемен за над 200%. Причините за таквото зголемување на рекламациите се должи на зголемената онлајн побарувачка на услуги и сè потешкото справување со давањето навременост и  квалитет на оваа услуга. Осумдесет проценти од тие рекламации се однесуваат за пречекорување на рокот за  достава. Покрај активностите за поддршка на поштенскиот сектор за справување со ковид кризата АП, меѓу останатото, за време на првите рестрикции, пролетта, запреле обидите за вршење поштенска дејност без лиценца на две правни лица. Извршени се четири надзори, еден редовен и три вонредни при кои се констатирани прекршоци. На 30 април годинава  при вонреден надзор во АД Пошта на Северна Македонија Скопје е констатиран прекршок-неодговарање на рекламација од корисник, неправилност која во меѓувреме е отстранета од  давателот на универзална услуга, по што постапката е запрена со Решение.

Во два предмета од вонреден надзор против нелиценцирани правни субјекти, составени се записници, констатирани се прекршоци од Законот за поштенските услуги  – Обезбедување поштенски услуги без лиценца, издадени се прекршочни платни налози  против правните лица и против одговорните лица во правните лица во кои се одмерени санкции – глоба во износ од по 5.000 евра за правните и по 1.500 евра за одговорните лица. По неуспехот на постапките за порамнување, за овие два предмета, Агенцијата повела прекршочна постапка пред Основниот кривичен суд во Скопје, против нелиценцираните субјекти Локал Пост Скопје и Б-Пост Скопје, како и против нивните управители. Агенцијата за пошти, која е  дел од работната група за адресирање и на сивата економија, во соработка со давателите откри адреси и точни локации на магацини на шеесетина нерегистрирани е-трговци главно од Скопје, но и Куманово, Велес, Струмица и Кавадарци. За сознанијата со сите податоци и докази поднесена е пријава до надлежните институции. Поднесена е и пријава со докази, за фирма од Косово која со граѓани од Косово врши незаконски услуги и трговија на територијата на нашата држава и се уште се чека одговор од Државниот пазарен инспекторат -Фокусот на Агенцијата наредната година ќе бидат активности  насочени кон зајакната супервизија на пазарот на поштенските услуги со цел да се откријат и да се превенираат злоупотреби на пазарот од аспект на недозволено работење на правни субјекти кои немаат добиено општо овластување за обезбедување поштенски услуги, најави Аврамовска Ѓореска.

Таа на седницата соопшти дека пандемијата го погоди целиот сектор, со исклучок на пакетскиот дел кој се зголеми поради брзиот раст на е-трговијата на домашниот пазар. Го повтори  и ставот дека е неопходно укинување на резервираните поштенски услуги на домашниот пазар, а во насока на негова целосна либерализација. -Анализите на Агенцијата за пошти укажуваат на тоа дека не е потребно понатамошно преферирање на моделот на резервирани услуги како метод на финансирање на универзаланата услуга. Оваа проценка го зема предвид интересот на корисниците и целите на Европската директива за создавање заеднички внатрешен пазар и потенцијалот за развој, напредок и вработување во поштенскиот сектор, како и целите за обезбедување ефикасна услуга од општ економски интерес. Агенцијата за пошти, во континуитет, дава мислења дека за исполнување на своите надлежности, со цел промовирање на конкуренцијата и отворање на пазарот на поштенски услуги, неопходно е укинување на резервираните поштенски услуги.

Фото: Freepik