Зголемен бројот на патници на аеродромите

18

Скопскиот аеродром Александар Велики го одбележа најголемиот месечен пораст изминативе неколку години, со опслужени 88.922 патници во октомври и зголемување од 37,6% во споредба со истиот месец лани.

Бројот на летови е зголемен за 15,1%, со вкупен број од 983 полетувања и слетувања. Нивото од 245,63 тони превезени карго-пратки е повисоко за 4,9% во споредба со октомври минатата година.

Новиот ред на летање, којшто важи од 27 октомври, вклучува 91 неделни фреквенции во ноември и очекувани 101 неделни фреквенции во врвот на сезоната, помеѓу 15 декември и 15 јануари. Најголемиот дел од авиокомпаниите ги задржаа зимските редови на летање од претходната сезона (Austrian Airlines, Adria Airways, Croatia Airlines, Belle Air Europe, Fly Dubai, Helvetic Airways, JAT Airways, Pegasus Airlines).

Позитивен исклучок е Wizz Air, која што сега има седум дополнителни неделни фреквенции, продолжувајќи ја летната сезона, исто како и Turkish Airlines, што сега има уште четири неделни летови. Edelweiss, пак, има плус еден неделен лет како надоврзување на летниот распоред. Од 20 декември, Germania Flug ќе воведе летови до Берлин еднаш неделно.

Во периодот јануари-октомври, со вкупен број од 10.702 извршени воздухопловни евидентирано е зголемување од 11,1% во споредба со истиот период од минатата година. Просечната максимална тежина на полетување на воздухопловите за овој период е во пораст за 16,5%, Airbus А320 останува најчестиот тип на воздухоплов, со удел од 32% во целокупните воздухопловни операции на патничките летови.

Бројот на вкупно превезени патници во периодот јануари-октомври е зголемен за 21,7%. Целокупниот обем на карго, со 2191.38 тони превезени пратки, бележи пораст од 9,1% во споредба со истиот период во 2012 година. Со 68.899 патници кои го користеле охридскиот во октомври, аеродромите во Република Македонија со нетрпение го очекуваат милионитиот патник далеку пред крајот на 2013 година.

Истанбул останува најпосетена дестинација за периодот од јануари до октомври, по што следуваат Виена, Цирих, Лондон, Љубљана и Малме. Во поглед на уделот на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, авиокомпанијата Wizz Air превезе најголем број патници во периодот од јануари до октомври, па следуваат Turkish Airlines, Austrian Airlines, Pegasus Airlines и Adria Airways, сите со зголемен број патници во споредба со лани.