Зошто не е добро шефот да озборува

181

Озборувањето не е одлика на луѓе кои се успешни, задоволни, исполнети, професионални… Трач рубриката може да се отвори на средба со пријатели, на кафе или на некое друго место што е далеку од канцеларијата. Ова особено важи за шефовите и претпоставените.

Да им се зборува на вработените зад грб воопшто не е пријатно. Иако шефот можеби не се грижи дали лицето што го оговара ќе дознае, сепак тоа не е единствената последица. Така, ќе се создаде простор за манипулирање, “обликување на приказната“ и што уште не.

Дури и ако шефот има вработени на кои посебно им верува, треба секогаш да го почитува златното правило – шефот треба да биде еднаков за сите вработени. Со други зборови, тој е претпоставен на сите и треба да се грижи подеднакво за сите, но и од сите да бара одговорност и посветеност.

Доколку има ситуација во која шефот нешто забележал, наместо за тоа да зборува со омилениот вработен, треба да пронајде начин, без да го навреди вработениот, да му укаже на грешката или недостатокот.

Озборувањето создава непријатна атмосфера за работа, а тоа потоа се рефлектира меѓу односите на вработените и начинот на којшто тие ќе ги извршуваат задачите.

И во ситуации кога шефот сака да извлече некоја информација за некој вработен, не треба да го прави тоа со озборување на колегата, туку да побара соодветен начин. На пример, ако сака да знае како некој вработен се снаоѓа со работа на нов проект, не треба да му зборува позади грб на вработениот и така да се распрашува. Напротив, може да го повика менаџерот за човечки ресурси или неговиот претпоставен за да ги утврди неговите перформанси.

Наместо да поттикнува озборување, шефот треба да демонстрира решителност против оваа лоша навика и да ги поттикнува вработените да бидат непосредни, да не се плашат да кажат или да прашаат нешто. Комуникацијата е една од најважните алатки за успех, а шефот само треба да ја подобрува и продлабочува, наместо да ја злоупотребува.

Фото: Pixabay