Зошто перфекционистите најбрзо “прегоруваат”?

23

pregoruvanje

Фото: Pixabay

Перфекционистите важат за луѓе чија мотивација и интелигенција се навистина на високо ниво. Нивното портфолио е богато со нанижани успеси, но ниеден од нив не дошол без добро платена цена.

Нивниот пат до успехот најчесто е проследен со силна самокритичност, хроничен стрес и низа здравствени проблеми како депресија и анксиозност, па дури и срцеви заболувања.

Што најмногу предизвикува стрес кај перфекционистите? Експертите велат дека тоа е црно-белото размислување (ќе бидам успешен/на ако добијам унапредување, во спротивно сум губитник) и претераниот страв од неуспех.

Патот до “прегорувањето”

Што е всушност прегорување? Во изминатите 20 години биле спроведени вкупно 43 истражувања на тема перфекционизам. По темелни анализи истражувачите открија една карактеристика што во голема мера се поврзува со оваа психо-емоционална состојба во различни сегменти од животот.

Прегорувањето се карактеризира со чувство на психичка и и емоционална изнемоштеност, цинизам, ниска мотивација и намалена ефикасност.

Перфекционизмот според истражувачите има две димензии: префекционистички стремежи и перфекционистички грижи.

Стремежите се всушност поставување на високи лични цели и проактивно работење во насока на нивно остварување. Истите најчесто не се поврзуваат со прегорувањето токму поради чувството на лична исполнетост.

Од другата страна пак, грижите како што се постојаниот страв од неуспех, правење на грешки, разочарување на себе си или другите и потребата од постојано само-потврдување се во тесна врска со истоштувачката состојба. А познато е дека ваквиот перфекционизам заедно со неговите негативни особини може најмногу да влијае на работното место.

Надминување на стапиците

Мала доза на перфекционизам може да биде од полза. Клучот е во умереноста и свесноста дека ништо не може да биде совршено.

Мааните и доблестите одат заедно и токму тоа треба да биде појдовна насока на сите перфекционисти. Целите кои се поставуваат треба да се флексибилни, достижни и реални. Работата може да биде одлично сработена и тогаш кога не се стремиме кон совршенство.

Самата ирационална желба сè да биде најдобро е тоа што ни ја црпи енергијата. Стапиците на лошиот перфекционизам можат да се надминат, доколку се ослободиме од стегите на стравот од неуспех и наместо тоа се обидеме да научиме нешто од грешките.