10 години Вработување Лизинг: Успех што не е постигнат случајно, туку заслужен со огромен труд, визија и посветеност

303
1
Даниела Сиљаноска, менаџер во Вработување Лизинг

Вработување Лизинг во октомври го прослави јубилејот 10 години од своето постоење. Компанијата континуирано работи на проширување на услугите преку инвестирање во интерните капацитети, зголемување на ефикасноста на сопствените ресурси, вработувања на стручен кадар, модернизација и следење на активните трендови и можности. За изминатата декада, начинот на работа, услугите, предизвиците, зборувавме со Даниела Сиљаноска, менаџер во Вработување Лизинг.

БИ: Вработување Лизинг оваа година прославува 10 години од своето постоење. Како започна со работа вашата агенција и какви резултати постигнавте во текот на оваа декада?

Во октомври оваа година АПВ Вработување Лизинг го прослави јубилејот 10 години од своето постоење. За нас ова се многу активни и успешни 10 години и сигурна сум дека ни претстојат значајни успеси и вредни спомени за паметење. Непроценливо е искуството кога сте во можност да бидете дел од почетоците на една компанија. Започнавме во октомври 2006 година со донесување на законот за агенции за привремени вработувања, чија цел беше да се регулира работно-правниот статус на лица кои беа ангажирани за вршење на привремени работи кај работодавачи преку младински организации или преку договор на дело. Примената на овој закон допринесе многу во сузбивање на сивата економија во Р. Македонија. Нашата агенција има многу лојални клиенти затоа што наша приоритетна цел е да одговориме на потребите со комплетна услуга, да помогнеме и соработуваме со трите клучни сектори – правен, финансов и секторот за човечки ресурси. Врз база на планирање и предвидување на секоја специфика во овие сегменти, постапувајќи во рамки на законските прописи. Вработување Лизинг константно работи на проширување на  услугите преку инвестирања во интерните капацитети, зголемување на ефикасноста на сопствените ресурси, вработувања на стручен кадар, модернизација и следење на активните трендови и можности. Воведовме стандарди за управување со човечките ресурси бидејќи тие се основен двигател во процесот на стандардизација на управувањето со луѓето како највреден капитал на секоја институција.

2АПВ Вработување Лизинг во моментов има тим кој вклучува 15 лица, високостручен кадар и тоа од областа на правото, економијата и менаџментот.

Со гордост можам да кажам дека овој успех не е постигнат на среќа или случајно, туку е заслужен со огромен труд, добра визија на менаџментот, како и посветеност и трудољубивост на секој вработен. Довербата на нашите клиенти е показател дека сме на вистинскиот пат. Нашата агенција има многу лојални клиенти. Без разлика колку и да се менуваат времињата, тие го препознаваат квалитетот. Се гордеам со нив, затоа што точно знаат што значи нивното време и како сакаат да управуваат со него, колку можат да платат и за што. Дефинитивно бројките се најголемиот показател за успешноста на работењето на секоја компанија, но и луѓето со кои тргнавме одлучно, ги надминавме пречките и создадовме успеси.

Во моментов АПВ Вработување Лизинг е во првите три во дејноста. Навистина сме горди за овој постигнат резултат.

БИ: Кои се главните предизвици со коишто се соочувавте овие години како агенција за привремени вработувања?

Еден од предизвиците секако е нелојалната конкуренција која работи со неадекватни цени и соодветно на ова неквалитетна услуга. Друг предизвик ни беше системот за плати МПИН, кој не ни дозволуваше исплата на поединечни плати по клиент. Од февруари оваа година институциите воведоа нов систем за нас Агенциите, со што имаме поквалитетна и навремена услуга. Предизвик ни преставува и нефлексибилноста на младите генерации, по завршувањето на високото образование. Флексибилноста би се состоела во тоа да одговорат на потребите на фирмата, отвореност кон нови промени и доедукација.

БИ: На кој начин Вработување Лизинг помага во намалување на невработеноста во земјава и дали имате податоци колку лица успеале да најдат работа или соодветен вработен преку вашата агенција?

Еден од начините со кој помагаме да се намали невработеноста е итната пријава. Нашата лиценца за привремени вработувања овозможува без оглас од пет работни дена да пријавиме вработен. Значи, доколку некоја компанија има потреба, ние веднаш потпишуваме договори, го пријавуваме лицето и веќе наредниот ден истото може да почне со работа. Овој начин на пријавување е многу поволен за клиентите и за нивниот бизнис.

Следно е брза и ефикасна замена на породилки и работници кои користат боледувања, годишни одмори и слично, бидејќи ние, дејствувајќи како Агенција за привремени вработувања, го заштедуваме времето, парите и енергијата на компаниите кои бараат работници. Ние сме тие што се грижат за сите права на вработените, за сè да биде коректно како кон вработените, така и самата компанија да биде заштитена. Нашата референтна листа со соработници е голема, со над 200 компании.

3

БИ: Какви услуги им нудите на работодавачите, а што на оние кои бараат работа?

Привремените вработувања, агенцијата за привремени вработувања Вработување Лизинг ги врши врз основа на претходно склучен договор за отстапување на работник меѓу Вработување Лизинг и работникот кој се отстапува на работодавачот корисник.

Нашето мото е клиентите да бидат задоволени во сите бизнис потреби, како и правилна примена на Законот, бидејќи неговата погрешна примена би резултирала со штетни последици, како по непреченото функционирање на Агенцијата, така и по успешното вршење на дејноста од страна на нашите клиенти правни лица. За да биде спроведено сето ова, ние нудиме бесплатни правни совети, финансови консултантски услуги во делот на финансиите, како и советување на самите вработени во однос на нивните права кои им припаѓаат согласно Законот за работни односи.

Особено се грижиме во делот на издавање на потребни потврди, правилно остварување на правата по основ на привремена спреченост за работа, регулирање на потребната документација за аплицирање за банкарски кредити, потоа осигурување на членови од семејството на осигуреникот, изготвување на решенија за годишни одмори и слично. Со оглед на сето ова, со право би заклучиле дека сите права по основ на работен однос, кои еден редовно вработен ги стекнал и ги остварува кај работодавач, му припаѓаат и на привремениот работник вработен кај нас, а отстапен на фирмата.

Спроведуваме анкети за тоа колку се задоволни нашите клиенти – фирми од услугите што ги нудиме, со цел да видиме каде би можеле да се подобриме. Резултатите се одлични, така што се трудиме да работиме што подобро, да се усовршуваме. Целта на Вработување Лизинг не е да ги задоволи исклучиво потребите на клиентите, туку и да бидеме најдобри во тоа.

БИ: Од кои професионални профили има најголема понуда и побарувачка на пазарот на трудот во Македонија? Кои се дефицитарни, а кои суфицитарни занимања во нашата земја?

Можам да кажам од искуството во побарувачката на работен кадар во нашата Агенција, она што во континуитет се бара од нашата Агенција се разни позиции за продажба, продажни агенти за осигурувања, за финансиски продукти, продавачи, работници во магацин, работници во производство, административни работници, агенти во кол центри со познавање на странски јазици, ИТ профили, сениор програмери и сл.

Дефицит се шивачки, општи работници, градежни работници, бравари, лимари, угостителски работници, ИТ програмери и девелопери, разни позиции во производствените процеси, финансиски работници.