10 причини за неуспех на малиот бизнис

1079

camec-pustina-pixabay

Фото: Pixabay

Голем дел од малите бизниси не успеваат да опстанат на пазарот уште во првата година од постоењето, а многу од нив пропаѓаат во првите неколку години. Теоријата ги лоцира причините за тоа во многу екстерни и интерни фактори и дава толкување за истите. Ако појдеме од девизата “прашај паталец, а не гаталец”, ајде да наведеме дел од причините за неуспех на малите бизниси кои сум ги осознал и воочил како “на своја кожа”, така и низ контактите со сопствениците на мали бизниси во македонската економија.

1. Отсуство на визија и стратегија. Голем дел од малите бизниси не успеваат да преживеат како резултат на отсуство на визија за развој и раст, но и стратегија за долгорочен опстанок на компанијата. Оправдувањето дека “day-to-day” работењето не остава време за подолгорочно планирање, води неминовно кон неуспех при справување со нови и непланирани предизвици на пазарот, но и неочекувани потреси кои често ги генерира економијата.

2. Преголемо трошење прерано. Разбирливо е чувството на сопствениците на мали бизниси што сакаат да си дозволат малку “покомфорно” живеење, па нели тоа е и поентата кога се станува газда. Но, внимавајте, тоа не смее да биде во фаза кога бизнисот е на самиот почеток, расте и се пробива на пазарот, но комоцијата и луксузот доаѓаат во моменти кога бизнисот генерира доволно приход и станува самоодржлив. Следниот пример најдобро го отсликува тоа. Имено, еден сопственик на конфекција искористи дел од почетниот капитал за купување на полуксузно возило, со што оневозможи отплата на рати по кредити за купување на опремата, како и исплата на плати и надоместоци за вработените. Логички, бизнисот наскоро беше затворен.

3. Купување наместо изнајмување. Во менталитетот на најголем дел од македонските претприемачи е трајното поседување на имот или опрема, но тоа често води кон причина за пропаѓање на бизнисот. Зошто? Трајното врзување на средства во недвижен имот, опрема и возила, оневозможува слободни парични средства за перманентно имплементирање иновации и следење на новините и трендовите на пазарот. Дополнително, опремата застарува и треба да се оплемени или замени со нова или да се модифицираат постојните процеси и технологии на работење. Оттука, препорачливо е секогаш кога е возможно, да се изнајмува простор за изведба на работите, за да во ситуација кога стане претесен за потребите на процесот, се замени со нов; изнајмување опрема и нејзино заменување согласно условите и барањата на пазарот. Сето тоа чини многу помалку, останува слободен паричен капитал за суровини, промоција, плати и унапредување на севкупното делување на субјектот.

4. Опкружување со несоодветни соработници. Мошне често малите бизниси се семејни бизниси, па оттука се случува поради роднински или пријателски врски, претприемачот да се опкружи со несоодветен кадар, кој ниту има капацитет за работа, ниту пак може сопственикот да интервенира кај истиот, со цел да не ги влоши семејно – пријателските односи. Не значи дека малиот бизнис треба да биде “агенција за вработување” на невработените членови на семејството или кругот на пријатели, но само на оние кои имаат потенцијал да се “носат” со предизвиците и задачите на бизнисот. Во западните земји, во случај кога наследниците на бизнисот немаат доволно способност да го продолжат работењето на родителите, често не се избираат на чело на бизнисот, но тој се препушта на компетентни соработници, додека кај нас е поинаква приказната, децата по правило го преземаат “кормилото”, што во одредени ситуации се покажува како крајно лош потег.

5. Централизирање наспроти делегирање. Проблемот со делегирањето, односно пренесувањето на правата и обврските од сопственикот кон вработените, често е проблем поврзан со неуспехот. Имено, претприемачите сакаат секогаш да “ги држат сите конци в раце”, па ретко, или во мал обем вршат делегирање на задачите, но се извршуваат сами. Така, посветувајќи се и на најобични, рутински задачи, немаат време за планирање, развивање и имплементирање стратегии, истражување на пазарот, откривање нови пазари, преговарање и договарање, воведување на иновации и креативно решавање на проблемите. Претприемачи, изберете човек со соодветни способности кому можете дел од “товарот” да му префрлите и делегирајте. Во тој случај, ќе имате повеќе време за раст и развој на бизнисот, како и повеќе слободно време за релаксација и “полнење на батериите”.

6. Непланирана експанзија. Ова е многу честа причина за неуспех, односно затворање на малиот бизнис. Поведени од првичниот успех, претприемачите после отворањето на еден објект, отвораат втор, трет, но без некакава оправдана економска логика. Дополнително, новоотворените објекти често немаат можност за самоодржливост, бидејќи се засноваат на поплитка и нецелосна пазарна анализа во врска со локација и целни групи, за разлика од првиот објект, кој сето тоа го има. Така, тие не генерираат приходи, но ги “подјадуваат” средствата кои ги генерира првоотворениот деловен објект, со што не само што не успеваат да опстанат, но го загрозуваат и целокупното работење на малиот бизнис.

7. Отсуство на пазарна анализа. Малиот бизнис ретко врши истражување на пазар, но најчесто поаѓа од сопствениот инстинкт, но без притоа да осознае што бара пазарот. Така, постојат мноштво бизниси во една дејност кои остваруваат просечна заработка или пропаѓаат, а мал број во одделни дејности кои генерираат натпросечни профити. Затоа, корисно е да се ангажираат експерти за пазарна анализа, се со цел да се види кој сегмент од пазарот не е покриен со понуда на производи и услуги и кон таа пазарна нишка да се насочи новиот бизнис.

8. Мала или никаква иновативност. Иако скоро секој претприемач смета за себе дека е иновативен, многу малку од нив навистина се иновативни, имплементираат иновации и пласираат новини на пазарот, без оглед дали се работи за производ, услуга, технологија. Конкурентска предност и натпросечен профит се генерираат со силна поддршка на креативно размислување, континуирано иновирање и заштита на интелектуална сопственост, која кај нас ретко ја прават компаниите, па лесно нивната технологија, производ или процес се копираат од конкуренцијата, со што се загрозува пазарното учество.

9. Занемарување на перманентното учење, надградбата и дополнителните квалификации. Учи, учи и само учи. Важно е да се сфати дека ниеден претприемач не знае се, но треба постојано да учи, да го надградува теоретското и практично знаење, како и да биде подготвен да прими знаење од своите соработници, конкуренти и консултанти, како би успеал да го одржи, прошири и успешно етаблира малиот бизнис на пазарот. Најтешкиот момент во оваа смисла е победувањето на суетата и признавањето дека ниеден човек не знае се и го постигнал максимумот во она што треба да се научи.

10. Погрешна локација. Изборот на несоодветна локација често води кон неуспех на бизнисот, особено кај услугите. Кога станува збор за изградба на производствен објект, локацијата од аспект на разместеност на потрошувачите, не е значајна, но кога се работи за пласирање на услуги, локацијата е суштинска за успех на бизнисот. Така, бизнисот треба да се лоцира на подрачје кон кое гравитира целна група на клиенти, како навремено и ефикасно би се задоволиле нивните потреби.