Цената на јагленот нагло расте

42

Растечката побарувачка за електрична енергија, инфраструктурните проблеми и скокот на глобалните цени на бензинот предизвикаа неочекуван пораст на цените за стоките што во моментов се “глобално омразени“.

Австралискиот јаглен за греење во пристаништето Њукасл, инаку репер за огромниот азиски пазар, оваа година забележа зголемување на цената за дури 106 проценти, на повеќе од 166 американски долари по тон, според најновата неделна проценка на агрегаторот на цените на берзата на стоки, Аргус.

Со цел извонредниот пораст на цената на термичкиот јаглен да се стави во одреден контекст, треба да се спореди со движењето на вредноста на референтната сурова нафта Брент, едно од ретките средства што забележа компаративна добивка оваа година. Фјучерс договорите за испорака на нафта се зголемија за 33 проценти на годишно ниво, пренесе CNBC.

Враќањето на јагленот на големата сцена покренува сериозни прашања во врска со енергетската транзиција. Секако, јагленот е фосилно гориво со најголема содржина на јаглерод во однос на емисиите на согорување, и затоа најважната цел за замена во свртувањето кон обновливи алтернативи.

Сепак, додека креаторите на политики и бизнис лидерите постојано повторуваат колку се посветени на своите цели за справување со продлабочената климатска криза, многумина продолжуваат да се потпираат на фосилни горива за да бидат во чекор со зголемената побарувачка за енергија.

Овие пазарни резултати се случуваат паралелно со објавувањето на најновиот извештај на ОН за климата, т.е. за брзината и обемот на климатската криза. Меѓународниот панел за климатските промени, одржан на 9 август, предупреди дека клучната граница на просечната температура на воздухот на планетата од 1,5 степени Целзиусови може да се пробие за нешто повеќе од една деценија без итно, брзо и екстензивно намалување на емисиите на стакленички гасови.

Јулија Бучнева, директорка на одделот за природни ресурси во Fitch Ratings, изјави за CNBC дека термичкиот јаглен останува клучен глобален извор на енергија, истакнувајќи дека стоката сè уште сочинува повеќе од 35 проценти од глобалното производство на енергија.

“Очекуваме дека учеството на јагленот во производството на енергија ќе се намали поради програмата за енергетска транзиција, но тоа ќе има долгорочно влијание на пазарот. Спротивно на тоа, на среден рок, се очекува побарувачката на јаглен да се зголеми на пазарите во развој со помалку строги еколошки регулативи и планови, особено во Индија, Пакистан и Виетнам, каде што енергијата на јаглен доминира во производството“, рече Бучнева.

За споредба, Бучнева посочи дека, бидејќи САД и ЕУ сочинуваат само 10% од вкупната светска побарувачка за јаглен, очекуваното намалување во овие региони нема да има одлучувачко влијание на глобалниот пазар.

Фото: Freepik