Аналитичари: Кинеската економија ќе влијае на цената на нафтата

69

Годинава цените на нафтата во светот најмногу ќе зависат од кинеската економија, а стапката на невработеност ќе биде значително зголемена, оценуваат експертите.
Инвеститорите претпазливо влегуваат во 2023 година очекувајќи натамошни зголемувања на каматните стапки и рецесија во земјите ширум светот, според Крег Ерлам од OAND.

Леон Ли од „CMC Markets“ смета дека оваа година пазарот ќе балансира меѓу „затегнатата понуда“ и намалената побарувачка поради влошувањето на макроекономското опкружување.

„Во 2023 година глобалната стапка на невработеност треба нагло да порасне, што ќе ја ограничи побарувачката на енергија. Затоа мислам дека цената на нафтата би можела да се намали на 60 долари“, објаснува Ли.

Тој смета дека многу зависи од состојбата на економијата на Кина, која е најголемиот светски увозник на нафта.

Растот на кинеската економија сега е забавен поради строгите мерки против Ковид-19, па Кина бележи пад на побарувачката на нафта, по неколкугодишен раст.

Откако кинеските власти неодамна се откажаа од политиката на нулта толеранција за Ковид и почнаа да ги олабавуваат рестриктивните мерки, аналитичарите очекуваат забрзување на економскиот раст оваа година, пренесува Срна.

Трговците стравуваат дека со укинувањето на рестриктивните мерки ширењето на инфекцијата ќе се забрза и ќе трае подолго, што во наредните месеци може да го „притиска“ здравствениот систем во Кина и целата економија, а со тоа и кинеската побарувачка за нафта.

Триесетина аналитичари, чии ставови ги пренесуваат економските портали, проценуваат дека годинава цената на барелот во Лондон ќе биде во просек околу 89,40 долари.

На американскиот пазар, пак, според проценките, просечната цена би можела да биде околу 84,85 долари.