Агенциите на ООН во земјава обезбедуваат силна поддршка на институциите за побрз и одржлив економски развој

33

Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација на економските ресори, Фатмир Битиќи, оствари средба со постојаната координаторка на Обединетите Нации во Северна Македонија, Росана Дуџак, со која разговараа за тековните проекти во кои Владата и државните институции соработуваат со агенциите на Организацијата на обединетите нации (ООН), како и за идната соработка, се со цел обезбедување на побрз и одржлив економски развој на земјата и подобар животен стандард на граѓаните.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека соработката помеѓу Владата и агенциите на ООН е на високо ниво и во голема мера придонесуваат за остварувањето на глобалните цели за одржлив развој, на кои се обврзаа земјите со потпишување и ратификација на Парискиот климатски договор од 2016 година.

Битиќи истакна дека Владата ќе остане посветена на имплементацијата на глобалната Агенда 2030 на Организацијата на Обединетите нации за интегрирање на Целите за одржлив развој во севкупното работење на државата.

Владата на крајот на 2018 година, на предлог од Националниот совет за одржлив развој, од 17-те глобални цели предвидени со глобалната Агенда 2030, издвои пет кои се најприоритетни и на за чие остварување се работи интензивно и активно.

Петте приоритетни цели за одржлив развој (ЦОР) кои беа усвоени се: ЦОР 1 (борба против сиромаштијата), ЦОР 4 (квалитетно образование),  ЦОР 8 (инклузивен и одржлив економски раст), ЦОР 13 (борба против климатските промени) и ЦОР 16 (пристап до правда за сите и ефективни, отчетни и инклузивни институции).

Вицепремиерот Битиќи упати благодарност до постојаната претставничка Дуџак, за ангажманите кои ги преземаат агенциите на ОН за развојот на економијата во Севeрна Македонија,  а обајцата се согласија дека соработката помеѓу Владата и агенциите на ОН ќе продолжи да се одвива на највисоко можно ниво.