Ангеловска-Бежоска: Финансиската поддршка од ММФ ќе овозможи поголем простор за релаксирана монетарна политика и за поддршка на кредитирањето

50

“Финансиската поддршка од ММФ, за нас е од исклучително значење, како за спроведување на фискалните мерки, така и за обезбедување натамошен раст на девизниот потенцијал на нашата економија, односно за зголемување на девизните резерви. На овој начин се создава поголем простор за спроведување релаксирана монетарна политика и за обезбедување олеснети финансиски услови за кредитирање на погодените компании и граѓани,”истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, по повод позитивниот одговор на ММФ на барањето за одобрување финансиска поддршка за нашата земја преку Инструментот за брзо финансирање.

Овој инструмент, како што посочува гувернерката, е значајна алатка којашто овозможува и полесен пристап до други надворешни извори на финансирање, вклучително и до европските.

“Имено, одобрувањето на овој аранжман е и потврда на здравоста на политиките спроведувани од страна на централната банка, коишто резултираа со ценовна и финансиска стабилност, што пак има важна сигнална улога за идна финансиска поддршка,” нагласи Ангеловска-Бежоска.

Според гувернерката, финансиските средства од ММФ ќе помогнат за ублажување на негативните ефекти за нашата економија, притоа давајќи дополнителна поддршка и на макроекономската стабилност.

Преку Инструментот за брзо финансирање, ММФ овозможува исклучително брз и поволен пристап до финансиски средства, за економии со здрави фундаменти, погодени од надворешен, неочекуван и привремен шок, каков што е пандемијата на ковид-19.