Art

70

boja

Фото: Pixabay

Кога ќе го слушнеме зборот ART, веднаш го поврзуваме со уметност, со креативност т.е. нешто поврзано со креативните професии (сликарство, музика, танц, поезија итн.). Меѓутоа, ако го анализираме зборот и неговата етимологија, ќе видиме дека, во суштина, тој и не значи само уметност (како што ние го сфаќаме). Зборот потекнува од старофранцускиот збор ART (10 век), што потекнува од латинскиот збор ARTEM или ARS и означува вешта работа, практична вештина, занает, а во некои објаснувања означува и сила. Додека, пак, според дефиниција на Merriam-Webster, ART означува нешто што е креирано врз основа на нашите способности и имагинација. Нешто убаво што пренесува чувства и идеи.

ART = ARS = Вештина = Занает = Сила

Од ова може да видиме дека ние имаме целосно погрешна перспектива на „уметноста” како поим и како концепт. Поради ваквиот став, многу од деловните професионалци, кои не се занимаваат со некои креативни професии, си мислат за себеси дека не се креативни или немаат уметничка душа. Јас имам сретнато многу соработници, пријатели или познајници кои не работат креативна професија, а во однос на начинот на работење, тие се поголеми уметници отколку некои квази т.н. уметници.

Една соработничка ми вели: „леле, значи воопшто не сум креативна?”. Јас можам да ѝ препорачам само дека, ако ги сработува задачите најпрофесионално и одговорно, ако посветува време на деталите и длабински ги решава сите ситуации, ако е посветена и со љубов го работи тоа што го работи, ако има знаење и е вешта во работата, тогаш таа е вистински уметник и е повеќе креативна отколку што мисли.

Денес, проблемот, и каде ја губиме нашата „уметничка душа” е во тоа што живееме во инстант систем. Систем што нè учи сè да завршуваме и да правиме побрзо, површно, доколку сакаме да опстоиме. Така, немаме време за уметност. Да се биде уметник или вешт во нешто, потребно е време, енергија, посветеност, фокус и знаење. Сето тоа е спротивно на денешниот систем на работење.

Како да се биде уметник во сè што работите:

  • Свесност: треба да сме свесни дека без посветеност, макотрпна работа, фокус и трпение, не може да сметаме дека ќе направиме уметничко дело од она што го работиме;
  • Знаење: за да бидеме уметници потребно ни е знаење. И не само од она што ни е главен фокус на работа, туку и од други комплементарни области;
  • Деталност: некој рекол „Господ е во деталите”. Посветувањето на деталите побарува повеќе време и енергија за извршување на некоја задача. Но, на тој начин веројатноста за грешки е помала, а можноста за успех поголема;
  • Давање најдоброто од себе: немојте да ги правите работите поради шефот, клиентот, колегата или парите. Правете ги работите поради себе. Поради тоа што можете и сакате. Дополнителните ефекти ќе си дојдат самите;
  • Барајте нови решенија: пробајте да најдете друг начин на извршување на работите: поефикасен, поефективен, продуктивен или економичен;
  • Бидете силни да се спротивставите на околината: околината ќе ве тера да брзате и да ги правите работите површно. Притисоците ќе бидат од сите страни, за пари, за таргети, за време итн. Но, не дозволувајте ништо да влијае врз вашата посветеност во извршување на задачите.

Бидете уметници во сè што работите! Пренесувајте ги вашите чувства и идеи во сè што правите!

Со успех во промените.