Бајден го номинира поранешниот шеф на Mastercard Аџеј Банга за претседател на Светската банка

53

Соединетите Држави го номинираат поранешниот извршен директор на Мастеркард Аџеј Банга за претседател на Светска банка, објави денес претседателот Џо Бајден.

Веста доаѓа неколку дена откако Дејвид Малпас, кој беше назначен од страна на Трамп, ги објави плановите дека ќе се повлече во јуни од неговата улога. Неговиот петгодишен мандат требаше да истече во април 2024 година.

Решавањето на влијанијата од климатските промени во мултилатералната банка е приоритет за САД. Водечките климатски фигури ја повикаа администрацијата на Бајден да го искористи предвременото заминување на Малпас како простор за ремонт на моќната финансиска институција, која е сè повеќе критикувана како непријателска кон помалку богатите нации но и во напорите за справување со климатските промени.

Минатата година Малпас наиде на критики затоа што во коментарите на една конференција изгледаше дека фрла сомнеж врз науката која вели дека согорувањето на фосилните горива предизвикува глобално затоплување. Тој подоцна се извини и рече дека зборувал погрешно, истакнувајќи дека банката рутински се потпира на науката за климата.

Банга, моментално заменик-претседател на фирмата за приватен капитал Џенерал Атлантик, има повеќе од 30 години деловно искуство, работејќи во различни улоги во Мастеркард и одборите на Американскиот Црвен крст, Крафт Фудс и Доу. Тој е првиот кандидат роден во Индија за претседател на Светска банка.

„Аџеј е подготвен да ја води Светската банка во овој критичен момент во историјата“, рече Бајден во изјавата.

Секретарката за финансии Џенет Јелен рече дека искуството на Банга „ќе му помогне да ги постигне целите на Светската банка за елиминирање на екстремната сиромаштија и проширување на заедничкиот просперитет додека ги следи промените потребни за ефективно еволуирање на институцијата“, што вклучува исполнување на „амбициозните цели за климатска адаптација и намалување на емисиите“.

САД традиционално го избираат претседателот на Светската банка, додека претседателот на нејзината сестринска агенција, Меѓународниот монетарен фонд, традиционално доаѓа од Европа. Но, критичарите повикуваат на прекин на тој аранжман и земјите во развој да добијат поголем глас во двете организации.

Светска банка вети дека ќе спроведе „отворен и транспарентен процес на селекцијата“ и рече дека ќе ги прифати номинациите до 29 март.

Фото: Facebook