Бебешка лична карта – спомен кој останува цел живот

247
naslovna
Ана Величковска, сопственик на Мали прстиња

Бебешката лична карта наликува на слика, бидејќи е урамена и покриена со стакло. Во самиот сет има отпечатоци од рачињата и ножињата на бебето, по желба во златна или сребрена боја, потоа изгравирана плочка со името и презимето на бебето, плочка со податоците на раѓање, место, час, висина, тежина, плочка со посвета од родителите или во последно време од бабите и дедовците или кумовите, како и фотографија од бебето.

БИ: Сопственик сте на еден доста необичен бизнис за нашето поднебје. Од каде дојдовте до идејата за отворање на фирма од ваков тип?

Идејата е стара околу 10 години. Ја добив додека бев на посета кај сестра ми во Австралија. Тогаш се роди мојата внука Џорџија и сестра ми посака, уште во периодот додека беа во болница, да му земат отпечатоци од рацете и нозете на бебето и потоа тие да се направат во цврст предмет кој ќе трае цел живот. Бев импресионирана од тоа што го видов и решив и јас да започнам таков бизнис кај нас во Македонија.

БИ: Колку време Ви беше потребно од идеја да дојдете до реализација?

Периодот од идеја до реализација траеше долго. По пет години успеав да ја реализирам мојата идеја и таа денеска да стане дел од моето живеење. Бев невработена и како секој, се пријавував секој месец во Агенцијата за вработување. Еден ден во очи ми падна постерот за доделување на грантови за отворање на мали бизниси. Влегов во најблиската канцеларија и се распрашав како оди целата процедура. Среќна бев кога ме известија дека мојата идеја е прифатена. Остануваше да започнам со реализација и да видам колку таа ќе биде прифатена.

1

БИ: Вашата фирма има навистина специфично име Мали прстиња, од каде дојдовте до идеја за него?

Процесот на смислување име за фирмата траеше доста долго. Сакав да биде некое специфично име што лесно се памети и не се заборава. Со оглед на тоа што изработувам мали рачиња, ножиња, бебињата се мали, односно се што правам е мало, самото тоа доведе и до името Мали прстиња.

БИ: На кој начин се изработуваат отпечатоците на децата и колку се тие безбедни за нивното здравје?

Материјалите кои се користат за моделирање, односно за земање на отпечатоците на бебињата се медицински и еколошки. Безбедни се за децата и немаат никакво негативно влијание врз нивното понатамошно здравје. Постапката оди на тој начин што материјалите се во вид на пластелин и се ставаат на екстремитетите на децата да отстојат околу две минути. Потоа тие стануваат како калапи кои се полнат со гипс. Понатамошниот процес на изработка трае од 5 до 7 дена.

БИ: Што се им нудите на оние кои сакаат отпечатоци од новороденчето, односно што содржи целиот сет, финалниот производ?

3Финалниот примерок на бебешката лична карта наликува на слика, бидејќи е урамен и покриен со стакло. Во самиот сет им отпечатоци од рачињата и ножињата на бебето, по желба во златна или сребрена боја, потоа изгравирана плочка со името и презимето на бебето, плочка со податоците на раѓање, место, час, висина, тежина, плочка со посвета од родителите или во последно време од бабите и дедовците или кумовите, како и фотографија од бебето.

БИ: Која е идеалната возраст за земање на отпечатоци на бебињата?

Идеалната возраст за земање на отпечатоци е шест месеци. Правам бебешка лична карта и на деца до една година, но сепак не е исто како кога бебето е помало. За деца над една година може да се направи само отпечаток од раката, бидејќи стапалото веќе им е пораснато и не е наизглед исто како кај бебето, односно се губи смислата на производот.

БИ: Колкава е заинтересираноста кај луѓето за правење спомен од нивното бебе?

Благодарение на медиумите, заинтересираноста е одлична. На почетокот кога никој не беше запознаен со она што го работам ми одеше потешко, но сега веќе после направени многу бебешки лични карти, со гледањето на финалниот производ од еден на друг, се поголема е заинтересираноста. Во последно време се случува и бремени жени да ми се јавуваат за да закажат за нивното се уште неродено дете. Мило ми е што на некој начин изработката на бебешката лична карта, во последно време го замени купувањето на злато како што беше на времето, и е идеален подарок за крштевка.  Досега имам направено повеќе од 50 бебешки лични карти.

БИ: Колку е лесно или тешко истовремено да се биде и менаџер и производител? Дали размислувате за проширување на бизнисот?

prstinjaПроцесот на изработка е креативен, а менаџерскиот е спротивен на другиот.  Морам да признаам дека повеќе ми лежи креативниот дел, бидејќи во средување на документација нема ништо креативно. За моја среќа помош имам од мојот сопруг и на тој начин полесно ги извршувам моите обврски. Кога сме кај проширувањето, искрено да ви кажам, во последно време имам многу нарачки и надвор од Скопје, односно од Битола, Струмица, Штип, Ресен и други градови, но во моментов бидејќи сум единствена која изработува предмети од ваков тип, малку е потешко да отворам свое атеље и во друг град. Но, секој кој е од друг град може слободно да си закаже и да изработиме лична карта и за неговото бебе.