Burberry, Louis Vuitton, Puma, Adidas и Apple се најфалсификувани брендови

171
1
Ели Муфишовски, регионален директор и менаџер на интернет мониторинг тимот на React

Без оглед дали се работи за развиена или неразвиена економија, сите држави имаат проблеми со фалсификати, само разликата е во обемот и начинот на кој се пласираат на пазарот.

React е непрофитабилна организација со над 20 години искуство во борбата против фалсификувана трговска стока. Има преку 35 канцеларии во светот, а канцеларијата во Скопје е одговорна за целиот регион. Целата координација ја води регионалниот директор Ели Муфишовски. Таа е менаџер и на интернет мониторинг тимот во Македонија, кој е одговорен за целиот свет.

БИ: Што е React, на кој начин функционира?

React е корпоративно друштво, непрофитабилна организација. Основан е во Амстердам, Холандија, во 1991 година по иницијатива на сегашниот директор, кој работеше во Стопанската комора во Амстердам и тука почна како оддел за заштита на трговски марки, СНБ. Потоа, со помош на Европската комисија се отвори канцеларија во Италија и така почнавме да стануваме интернационални. Се отвораа други канцеларии, во Португалија, Балтичките држави, а од 2006 година отворивме канцеларија и во Скопје. Кога почнавме да работиме во Македонија, почнавме од нула, но за многу кратко време заштита ја кренавме на повисоко ниво. Работиме и со партнери, не само со свои канцеларии.

2React работи како фондација против фалсификати, работиме со членарини. Кај нас имаме зачленето преку 190 брендови, како на пример Burberry, Adidas, Apple, Bvlgari, Louis Vuitton, Puma, Estée Lauder, Audi… од сите индустриски гранки. Тоа што се членови, не значи автоматски дека ги застапуваме во сите држави, туку кога стануваат членови бираат дали ќе бидат национален или интернационален член. Претежно избираат да станат интернационален член, затоа што имаат корист од активностите што ги имаме во сите држави каде што сме присутни. Кога ги застапуваме, тоа значи дека ги застапуваме пред Царина и пред пазарна инспекција или полиција, зависно кој орган е одговорен за одредена акција во одредена држава. На пример, во Чешка целата работа ја врши царината, во Турција работиме претежно со полиција. Кога ќе добиеме налог од некоја фирма да работиме за нив, ги контактираме државните институции и ги известуваме дека сме нивен правен застапник во делот на интелектуалната сопственост од нивните трговски марки.

Изминативе неколку години се повеќе и повеќе фокусот оди на интернет, почна многу се продава на интернет. Почнавме со отстранување на фалсификати од една платформа во Холандија, а сега следиме многу платформи и преку 160 аукциски страни во целиот свет.

БИ: Како оди процедурата за отстранување од интернет страните?

IMG_2748Во нашите простории имаме девет вработени кои цело време следат што се поставува на интернет. Имаме свој систем, веб кролер, преку кој ги гледаме огласите, ги филтрираме и ги пријавуваме. Исто ги следиме и комерцијалните страни. Ние овде ги работиме платформите за цел свет, освен Азија, затоа што сега имаме тим во Кина, кои работат на кинеските и азиски платформи. Работиме отстранувања и од социјалните мрежи.

На пример, во Македонија на некоја интернет страна се продава некаква чанта фалсификат Burberry. Burberry не има овластено да проверуваме, да утврдуваме дали се работи за оригинал или фалсификат производ и да го отстраниме. Ако не сме сигурни, го праќаме производот на експертиза во матичната компанија. Со платформите имаме претходно воспоставено соработка. Можат и да одбијат соработка, но тогаш ризикот е нивни, затоа што ако се оди на суд, правото е на наша страна.

БИ: Како се постапува со фалсификуваната стока во Македонија?

IMG_2749Канцеларијата на React во Македонија работи првично со Царина. Ја информираме Царината дека застапуваме некој одреден бренд и таа треба да внимава кога има такви пратки што влегуваат во државата. Ако се сомневаат дека се работи за производ што повредува право на интелектуална сопственост, ја задржуваат пратката и контактираат со нас. Ние понатаму треба да потврдиме дали се работи за оригинал или фалсификат. За се мораме да добиеме зелено светло од носителот на правото, затоа што секогаш крајниот збор го има брендот и контактираме директно со правното одделение во државите каде што се поставени, не работиме со локални дистрибутери. Обично проценката оди преку фотографии. Ги сликаме задржаните работи, а ако не можеме по слика да одлучиме, испраќаме примерок да можат сами да го опипаат производот. Но можам да кажам дека 99% оди преку фотографија. Многу се ретки добрите фалсификати да не може да се забележат од фотографија.

Ако ние не го застапуваме брендот во моментот, Царина повторно може да задржи стока и да не извести, да не праша дали можеме да го застапуваме тој бренд.

Што се случува понатаму… Ако се констатира дека производот е фалсификат, контактираме со увозникот или дистрибутерот, бараме да потпише потврда дека ја отстапува запленетата стока за уништување. Ако не добиеме повратен одговор од нив, тоа се прифаќа како признавање. На крајот, кога ќе заврши целата процедура, стоката се уништува под царински надзор.

Сега многу брзо стапи на сила нов закон за донирање на запленета стока, но ние се уште немаме донирано. Услов за донација е да се отстрани трговската марка и да биде безбеден производот. Тука треба Царина да ни помогне, што е до нас, немаме проблем со донирање на запленетата стока.

На сличен начин работиме и со пазарна инспекција.

3

БИ: Застапувате македонски брендови?

Не, македонски брендови не застапуваме. Претпоставувам, причина за тоа е затоа што сме меѓународна организација, зачленувањето обично оди преку главната канцеларија во Холандија, иако тоа апсолутно не е императив.

Ние работиме само со веќе заштитени трговски марки, организираме семинари за царина, за пазарна инспекција, за да можеме да им помогнеме на тие што доаѓаат во прв контакт со производите, да можат да препознаат што е оригинал, а што фалсификат.

БИ: Во која индустрија има најмногу фалсификати?

IMG_2739Најмногу се соочуваме со фалсификати во текстилната индустрија, вклучувајќи ги обувките, чантите, ремени… Во Македонија овие работи се многу популарни за копирање. На почетокот имавме многу козметика, шминки. Има фалсификати во автомобилската индустрија, фалсификувани електронски уреди, мобилни, адаптери, но и тоа е веќе намалено. Имавме истражувања за одредени лекови и што е позитивно, не најдовме директна повреда на правото на интелектуална сопственост. По имиња, се уште најфалсификувани се Burberry, Louis Vuitton, Puma, Adidas и Apple. Едно време беа многу популарни Chanel и Dior и потоа имаше стагнација, ги нема толку многу. Некако фалсификуваните брендови доаѓаат како на бранови.

БИ: Како се движи Македонија регионално во поглед на фалсификатите, во однос на другите земји?

Во однос на другите земји, јас сум многу задоволна како во Македонија се справуваме со оваа проблематика. Можам да кажам дека Царина е многу активна во овој дел, има покажано извонредни резултати, особено во однос на околните држави. Државните институции се трудат, многу се ангажирани. Исто така, имаме активности и со Координативното тело за заштита на интелектуалната сопственост при Владата на РМ, имаме одлична соработка.

IMG_2740Првите години од отворањето на канцеларијата имаше многу заплена и големи пратки, пратки наменети за транзит. Сметам дека резултатот од работата е очигледен, иако се уште има фалсификати. Но, не е проблем само фалсификатот како фалсификат, туку со тие фалсификувани производи се повлекува цела економија. Зад фалсификуваните производи обично стои организиран криминал, дрога или проституција, има влез во државата на производи за кои не се плаќа данок, фалсификувањето само потекнува сива економија. Згора на тоа, не знаеме каква штета може таквите производи да ни направат врз здравјето. Фалсификуваната стока може да предизвика егземи, алергии, материјалот од којшто е направена е непроверен. Парфеми, алкохол, очила за сонце, шампони за коса, прашоци за перење алишта, полначи за телефони што можат да експлодираат, можат да имаат страшни последици по здравјето. Но, сметам дека свест за сето ова веќе е малку поприсутна кај граѓаните.

БИ: Глобално, каде најмногу имате работа?

Турција е една од државите каде што имаме многу работа. Турција е дефинитивно број еден, затоа што има и големи производствени капацитети. Многу сме ефикасни и во Србија. Многу случаи на фалсификување има и во Италија, а во Кина има премногу. Без оглед дали се работи за развиена или неразвиена економија, сите држави имаат проблеми со фалсификати, само разликата е во обемот и начинот на кој се пласираат на пазарот.

IMG_2738