Дали Западен Балкан можe да станe голем играч на пазарот на автомобили?

107

Автомобилската индустрија во Европа е сериозно погодена од кризата, но сепак може да биде можност за автомобилски компании да растат на пазарите во развој, вклучувајќи ги земјите од Западен Балкан, Украина, Египет и Турција, се вели во анализата на Меѓународната финансиска корпорација (The International Finance Corporation-IFC).

Промените што се случуваат на пазарот на автомобили и регионализацијата на глобалните синџири на вредности се шанса за Западен Балкан, со тоа што некои земји во регионот веќе успеаја да привлечат странски директни инвестиции во автомобилскиот сектор, велат експертите на IFC, Емануел Поуликуен и Магдалена Шољакова.

Тие исто така посочуваат дека Србија и Северна Македонија се пример за земји во кои големите странски компании имаат направено значителни инвестиции во производството на автомобилски компоненти.

Близината до пазарите на ЕУ, знаењето и вештините за работна сила и индустриските производствени капацитети им обезбедуваат на земјите од Западен Балкан конкурентска предност во споредба со другите региони, посочуваат експертите од IFC, додавајќи дека овие земји исто така ги прилагодуваат своите стратегии на промените што ги носи електрификацијата во автомобилската индустрија.

На пример, според IFC, Владата на Србија подготвува национална стратегија за развој и употреба на електрични возила, а новиот Европски зелен договор ќе обезбеди фонд од една милијарда евра за финансирање на одржлив развој. Земјите-членки треба да инвестираат околу 2,9 милијарди евра во следните години за да го финансираат развојот на батериите, а се очекува да бидат мобилизирани дополнителни девет милијарди евра приватни инвестиции.

Производството на батерии сè повеќе се покренува во непосредна близина на областите каде се очекува пораст на побарувачката за овие производи. Според предвидувањата, најголеми корисници на литиумски батерии во следната деценија ќе бидат пазарите во земјите на ЕУ, што е единствена можност Србија да ги искористи своите резерви на литиум и понатаму да ја насочи индустријата кон производство на компоненти на батерии и други компоненти поврзани со електрификација на автомобилот, сметаат експертите од IFC.

IFC објаснува дека автомобилската индустрија во Европа е сериозно погодена од голем број фактори, од појавата на пандемијата на вирусот корона, преку мрачните облаци на Брегзит, до растечките глобални трговски тензии. Исто така, дека на европскиот пазар традиционално доминираат производители на автомобили од Западна Европа, пренесува Blic.

Во економиите во развој, добавувачите кои главно произведуваат делови за автомобили и делови со помала вредност за производители на оригинална опрема  честопати се принудени да вложат максимални напори да преминат во категоријата производители на делови за поголема вредност.

“Тие сега имаат добра можност да го постигнат ова или да земат поголем удел на пазарот или да опфатат поширок спектар на производи. За да го имплементираат ова ќе им треба квалификувана работна сила, знаење, стратегија што ќе дава брзи резултати и финансиска или техничка поддршка “, се наведува во анализата на IFC.

Фото: Pixabay