Деловни тајни

583

kluc-uspeh-pixabay

Фото: Pixabay

Што е деловна тајна?

Компаниите користат различни пристапи за да ја оптимизираат користа од нивните иновации, како на пример преку таканаречените “формални“ права на интелектуална сопственост како што се патенти, трговски марки и индустриски дизајни. Но, сепак најчесто се одлучуваат да го заштитат знаењето и информациите што имаат бизнис вредност и компетативна предност за компанијата, што не се јавно познати, а кои во иднина компанијата има намера да ги заштитува. Ваквиот know-how и бизнис информации, кои се понов вид на интелектуална сопственост, се нарекуваат “деловни тајни“, а во правната терминологија се подведуваат и под поимите “недостапни информации“, “бизнис доверливи информации“ или “тајно know-how”.

Цениме дека е потребно да се потенцира дека постои разлика помеѓу “деловна тајна“ и “доверлива информација“. Секоја деловна тајна е доверлива информација, но не и одбратно. Нашата домашна легислатива не содржи дефиниција за тоа што преставува деловна тајна, оставајќи на секое правно лице да одлучи кои информации ќе ги третира како деловна тајна. При дефинирање на тоа кои бизнис информации една компанија ќе ги издигне на рангот на “деловна тајна“, најчесто се користат трите критериуми содржани во член 39 од Договорот за трговските аспекти на правата од интелектуална сопственост (ТРИПС) на Светската трговска организација. А тоа се:

1. Информацијата да е тајна, односно да не е општо позната или да е достапна до кругови кои вообичаено се занимаваат со соодветниот вид на информации;

2. Информацијата да има комерцијална вредност; и

3. Друштвото да преземало чекори за да ја задржи тајната со пропис или одлука.

ТРИПС договорот исто така содржи одредби за заштита на деловни тајни од неовластено прибавување, користење или оддавање од трети лица, чии одредби се сметаат за меѓународен стандард и се применети и во нашето домашно законодавство.

Деловните тајни ги заштитуваат технолошките и нетехнолошки иновации, таканаречените “меки“ иновации. Во однос на технолошките иновации заштитени со деловна тајна, што се воедно и зачетоци на интелектуална сопственост, се вбројуваат нацрт верзија на сценарио (идно авторско право); технолошки експеримент (иден патент), необјавени апликации за патент, информации во однос на нов бренд (идна трговска марка).

Од друга страна, таканаречените “меки“ иновации кои се труд на компаниите што работат во секторот на услуги, се заштитени од работодавците како деловни тајни. Примери за ваков вид на деловни тајни се: бизнис планови, бизнис стратегии, маркетинг планови и планови за извоз; листа на информации за клиенти и листа на доставувачи; техники на канцалариско работење; и сл.

Од друга страна, доверлива информација може да биде секоја информација која му е направена достапна на едно лице од друго лице со кое е во договорен однос. Тоа може да биде и еден обичен емаил со кој, на пример, еден работник се информира од неговиот работодавач дека ќе се одржи состанок во определен ден и час. Но, овој имејл не може да се тврди дека е на рангот на деловна тајна. Доколку работодавецот одлучи и податоците и информациите за деловните состаноци да ги класифицира како деловна тајна, потребно е тоа да го стори преку пропис, односно одлука.

Впрочем, смислата на техниката на прогласување на одредени податоци за деловна тајна е тоа да биде направено преку писмен акт (одлука, правилник, упатство),  што ќе се однесува за сите лица со кои правното лице ќе работи, вклучувајќи работници, надворешни соработници, деловни партнери и др. Потоа ваквиот акт се преточува во одредени конкретни форми на договор или слични двострани акти.

Зошто деловните тајни се значајни за компаниите?

Аналитичарите сметаат дека деловните тајни имаат многу значајна улога во заштитата на размена на знаење помеѓу бизнисите во и надвор од домашниот пазар во контектс на развивањето на иновации, истражување и развој.

Оваа констатација добро се сумира со зборовите на Џејмс Пули (James Pooley), заменик генерален директор во Секторот на иновација и технологија при Светската организација за интелектуална сопственост (СОИС), кој во текст објавен за магазинот на СОИС напиша:

“Иако може да изгледа парадоксално, правните норми за деловни тајни можат да ја овозможат и поттикнат размената на технологија, затоа што тие обезбедуваат комерцијално разумен начин на ширење на информации.“

Предноста на деловните тајни е што овој понов вид на право на интелектуална сопственост не бара регистрација и трошоците за негова заштита се многу помали од оние за заштита на други права од интелектуална сопственост што бараат регистрација. Сепак, ваквата заштита генерира трошоци за чување на доверливоста на информациите, вклучувајќи и преку технолошките мерки на заштита. Исто така деловните тајни немаат рок за заштита, односно го имаат статусот на деловни тајни за едно правно лице се додека останат доверливи.

Од друга страна, при одлучување дали компаниите да пристапат кон заштита на нивните информации преку деловни тајни, корисно е да ги познаваат и слабите страни на ваквиот вид на заштита на нивната интелектуална сопственост. Така, ако тајноста на информациите е содржана во продукт, други лица имаат можност да ја откријат тајната состојка/елемент и дозволено да ја користат преку процесот на “обратен инжинеринг“. Откако деловната тајна ќе стане достапна за јавноста, секој може да има пристап до неа и ја користи по волја. Исто така, постои генерален став дека нивото на заштита што се пружа за превенција и заштита од повреди на деловните тајни е послаба, а особено во споредба со заштитата на други права од интелектуална сопственост, како патентите. Најчести практики чија цел е неовластено прибавување на деловни тајни се: кражби, неовластеното копирање, економска шпионажа, повреда на договорите за доверливост, без разлика дали тие повреди доаѓаат од матичната држава или се однадвор.

Правна рамка

Иако во Република Македонија не постои еден унифициран закон за заштита на деловни тајни, заштитата на деловни тајни е регулирана со поединечни закони и подзаконски акти кои воедно ја креираат и законска рамка за надомест на штета во случај на неовластено оддавање и прибавување на деловни тајни и тоа преку вонсудско спогодување или поведување на граѓански спорови, или пак кривичен прогон.

Член 281 став 2 од Кривичниот Законик го казнува оддавањето и неовластено прибавување на деловна тајна, при што за битието на кривичното дело бара истовремено исполнување на три законски поврзани елементи: првиот, постоење на податоци што со пропис или со одлука на орган на управување се прогласени за деловна тајна;  вториот, деловната тајна да е соопштена од повикано на неповикано лице; и третиот, со оддавањето на деловната тајна да се предизвикало или можело да се предизвика потешки штетни последици на субјектот на деловната тајна.

Поради тоа што поимот доверлива информација е многу широк и под него може да се подразбере секоја информација со која се или ќе се запознаат две договорни страни, со член 281 став 2 од Кривичниот Законик се санкционираат само оние доверливи информации кои се издигнати на рангот на деловна тајна.

Законот против нелојална конкуренција го казнува неовластеното користење на техничка документација, кое кривично дело го извршува секој оној којшто за целите на конкуренцијата или за лична корист неовластено ќе искористи или ќе пренесе модели или упатства од техничка природа, а особено скици, цртежи, планови, прототипови, пресеци или други слични документи што не претставуваат правно заштитени права од индустриска сопственост.

Законот за работни односи во член 35 став 1 нормира дека како деловна тајна се сметаат податоците кои со посебен акт работодавачот ќе ги определи како деловна тајна како и пропишува обврска на работникот за чување на податоци што се сметаат за деловна тајна на работодавачот.

Уредбата за канцелариско и архивско работење донесена од Владата на Република Македонија го регулира начинот на работата и правилата за постапување со документарниот материјал и архивската граѓа што се создава во работата, помеѓу другите и во претпријатијата и другите правни лица. Според оваа Уредба, видот на тајноста на актите може да биде државна, воена, службена и деловна тајна. Според степенот на тајноста, актите се определуваат како, строго доверливи, доверливи и за интерна употреба. Видот и степенот на тајноста на актите го определува одговорното лице во претпријатието.

Законот за трговски друштва и Законот за банките исто така содржат одредби релевентни за заштита на деловни тајни.

Како се заштитуваат деловните тајни?

Во пракса компаниите најчесто ги заштитуваат деловните тајни преку:

1. Договори за вработување со работниците, при што овие договори содржат членови за правата и обврските на договорните страни во однос на деловните информации. Често работниците потпишуваат посебни изјави за неоткривање на доверливи информации и деловни тајни при засновање на работниот однос, при што ваквата изјава се смета дека е дел од договорот за вработување;

2. Договори за неоткривање се идни или актуелни деловни партнери; и

3. Правилник за деловни тајни, како интерен акт на правните лица во кои детално се дефинира кои информации се деловна тајна на правното лице, права и обврски на работниците, процедури со нови работници, внатрешни безбедносни мерки за чување на деловни тајни и др.

Постојат и други начини на заштита на деловни тајни, како:

1. Степенување на деловните тајни, во зависност од нивната бизнис вредност, важност и чувствителност;

2. Проценување дали една деловна тајна ги исполнува условите да биде заштитена со помош на регистрирано право на индистриска сопственост, на пример патент, и дали на тој начин ќе биде подобро заштитена;

3. Воспоставување на безбедносен систем за управување со дигитални информации, софтвер и енкрипција, за да се ограничи пристапот до деловни тајни, како и систем за спречување или за следење на пристапот до деловни тајни и друго.

Како резиме: истражувањата покажуваат дека деловните тајни се најчесто користени форми на заштита на интелектуална креација и иновативен know-how од бизнис секторот, но сепак се цени дека тие се најмалку заштитени во рамки на Европската унија, наспроти правната рамка во други земји како Швајцарија, Америка и Јапонија. За таа цел Европската комисија на крајот на минатата година достави предлог директива до Европскиот парламент и Советот на Европската Унија за заштита на неоткриени know-how и бизнис информации (деловни тајни) од неовластено прибавување, користење и откривање. Ако се усвои ваквата европска директива, тоа може да доведе или до промени на постоечката домашна законска регулатива или пак донесување на посебен закон за деловни тајни, а се со цел зајакнување на заштитата на деловните тајни.

Автор: Ана Дангова Хуг – INTER PARTES Skopje