Десет балкански комори со ист став до владите – помогнете му на бизнисот

71

Претставниците од стопанските комори кои се дел од Асоцијацијата на балканските комори (АБК) на годишното Генерално Собрание, кое се одржа виртуелно на 31 мај 2022 година, во рамки на претседавањето на Стопанската комора на Кипар со АБК, дискутираа за повеќе теми осврнувајќи се на актуелните случувања во земјите-членки на АБК со акцент на плановите за закрепнување и отпорност на Балканот, потребата за трансформирање на економиите, како и за можностите кои произлегуваат од пандемијата и актуелната криза.

Оценката и состојбите во сите земји е приближно иста, клучни проблеми за решавање остануваат да бидат цената на енергенсите, цените и достапноста на суровините и справувањето со рецесијата. Факт е дека како резултат на мулти кризата и мерките што ги преземаат националните економии за спречување на нивното ширење, сепак глобално дојде до намалување на побарувачката, а сето тоа се одрази и со намалување на производството, што дојде поистакнато во услови на пораст на цената на енергијата на светските берзи, вклучително и другите примарни производи, а сето тоа ги стимулираше вкупните ценовни притисоци што се прелеаа преку меѓународните пазари во сите економии во регионот. Сега тие притисоци, како резултат на кулминацијата на руско-украинската криза, стануваат се посилни.

Генерална констатација е дека е неопходна трансформација на економиите и поголемата интеграција на компаниите во глобалните синџири на повисока технолошка вредност, која во голема мера зависи и од натамошното подобрување на деловното окружување.

Секоја криза, а и оваа сегашната која ние ја нарекуваме мулти криза, носи големи ризици, но носи и можности за да излеземе од неа како пофункционални општества и порезистентни економии, истакна Билјана Пеева-Ѓуриќ, оперативен директор за преставување на членките и вмрежување како учесник на Генералното Собрание на АБК од Стопанската комора.

Пораката до бизнисите е дека ќе успеат да се справат со предизвиците само оние кои брзо ќе се прилагодат и кои континуирано ќе бидат фокусирани на пораст на конкурентноста и продуктивноста. Конкурентноста треба да се зголемува преку постојан професионален развој на вработените, како и инвестиции во опрема и машини, во софтверски системи, вклучително и во користење на можностите кои ги нудат дигиталните алатки.

Од страна на Владите, очекувањата се во правец на потребата за олеснување на функционирањето и напредокот на бизнисите, што опфаќа сигурност и предвидливост во политиките кои се преземаат во сите области, да не сопираат капиталните инвестиции односно вложувањата во инфраструктурата, да се зголеми ефикасноста на администрацијата и да се постигне повисок степен во намалување на бирократијата. Дополнително, потребен е напредок и во намалување на регулацијата, владеење на правото и сузбивање на сивата економија.

Имајќи го предвид регионалниот контекст кој го има Асоцијацијата на балканските комори, на Генералното собрание се дебатираше и за улогата на Коморскиот инвестициски форум, како регионална платформа која има за цел да ја поддржи и да ја унапреди економската соработка помеѓу земјите од Западен Балкан со силна поддршка од ЕУ согласно Берлинскиот процес.

По усвојување на финалните заклучоци усогласени меѓу коморите членки на Асоцијацијата на балкански комори, истите ќе бидат проследени до владите во секоја од земјите.

Асоцијацијата на балканските комори (АБК) е основана во 1994 година во Романија, со цел создавање интеграција и развој на стопанската соработка во регионот. Членки на АБК, покрај Стопанската комора на Северна Македонија, се и Стопанската комора на Албанија, Стопанската комора на Бугарија, Надворешно-трговската комора на БиХ, Стопанската комора на Црна Гора, Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Стопанската комора на Кипар, Стопанската комора на Романија, Стопанската комора на Србија и Унијата на комори и стокови берзи на Турција.