Државата како “лош“ стопанственик

103

Евентуалните дилеми околу исправноста на најавите на Владата да ги продаде, даде под концесија или понуди во форма на jавно приватно партнерство Попова Шапка, Железница, Ливадиште, TEЦ Неготино, Еурокомпозит и други субјекти кои освен трошоци не прават никаков профит, професорот Ванчо Узунов, за Локално вели дека се апсурдни.

“Особено на краток рок, владата нема да има политички бенефиции од еден ваков предлог. Меѓутоа, тоа е сепак неопходно да се направи“, вели тој, во спротивно овие нерентабилни субјекти треба да се ликвидираат или да се остават во статус кво ситуација.

“Тоа што искуството го покажува како несомнено, е дека државата/владата – разбрана во генеричка смисла на зборот – е ‘лош стопанственик’. Особено во однос на таков вид на деловни субјекти. Инаку, тие и до сега би биле ‘решени’, односно би биле доведени до рентабилно работење”, вели Узунов.

Според очекувањата на Владата со парите од продажбата на овие капацитети веќе догодина ќе може да се финансира дел од буџетските потреби.

“За целиот процес се потребни добри подготовки но претпоставувам дека Владата има намера тоа да го направи без големо колебање“, вели Узунов појаснувајќи дека давањето на некои ресурси под концесија или нивно реорганизирање со некој друг облик на јавно приватно партнерство не претставува нивна продажба.

“Илузија е мислењето дека Владата ќе може со нив да раководи добро и рентабилно. Граѓаните можат да имаат секакви мислења за тоа каква беше нашата приватизација, а веројатно за многу работи се и во право. Меѓутоа, она што овие останати неприватизирани фирми го покажуваат како непобитно е фактот дека, ако не се случеше приватизацијата, целата наша економија денес ќе беше во многу полоша ситуација. Економската ситуација во РСМ денес не е баш за пофалба, а тоа е уште повеќе така во однос на социјалната раслоеност на нашето општество, но тоа не е така заради приватизацијата, туку затоа што други аспекти од „доброто владеење” на владите не биле какви што требале да бидат. Тука мислам пред сé на регулаторната улога на владата (на нејзините регулаторни тела, т.е. на оние институции што треба да ги регулираат таканаречените „неуспеси на пазарот”), а потоа и на редистрибутивната улога на владата – прашањето на (не)постоењето на ‘праведно оданочување’ кај нас. Не треба да ги мешаме тие работи”, вели Узунов.

Фото: Freepik