ЕК инвестира 1,5 милијарди евра во проекти за чиста технологија

35

Европската комисија објавува втор повик за големи проекти во рамките на Фондот за иновации, една од најголемите светски иновативни технолошки програми за нискојаглеродни технологии во светот. Фондот е финансиран од аукции за квоти за емисии.

Со буџет од 1,5 милијарди евра ќе финансира револуционерни технологии во областа на енергијата од обновливи извори, енергетски интензивни индустрии, складирање и „фаќање“ енергија, користење и складирање на јаглерод диоксид, соопшти Европската комисија.

Поради значителниот број на апликанти на првиот повик и силните презентирани проекти, Комисијата одлучи да го поедностави процесот на аплицирање, кој сега се состои од само една фаза. Со ова се очекува да се намали периодот од поднесување на апликацијата до доделување на грантот.

Проектите ќе се оценуваат според нивниот потенцијал за избегнување на емисиите на стакленички гасови, нивниот иновативен потенцијал, нивната финансиска и техничка одржливост и нивниот потенцијал за зголемување на обемот и економичноста. Повикот е отворен за проекти од сите земји-членки на ЕУ, Исланд и Норвешка до 3 март 2022 година.

Проектите може да се поднесуваат преку порталот за финансирање и набавки на ЕУ.

Со приходи од над 25 милијарди евра до 2030 година (во зависност од цената на емисиите на јаглерод), Фондот за иновации има за цел да создаде соодветни финансиски стимулации за компаниите и јавните власти да инвестираат во следната генерација технологии со низок јаглерод во моментов и да им обезбедат на компаниите од ЕУ почетна предност, за да станат светски лидери во технологијата.