ЕК: Црна Гора под надзор поради пасошите на инвеститорите

19

Голем број трети земји без визи се под строга контрола поради потенцијалните ризици од нивните програми за економско државјанство или нивните планови да воспостават такви шеми. Ова ги вклучува Црна Гора, Албанија и Северна Македонија, објави Европската комисија. Во посебен извештај за следење на безвизниот режим, Европската комисија ја поздрави одлуката на Црна Гора за постепено укинување на шемата за економско државјанство.

Извештајот на Европската комисија (ЕК) за мониторингот на безвизниот режим на ЕУ беше објавен вчера во Брисел.

„Конкретно, шемите за државјанство за инвеститори во трети земји со безвизен пристап до ЕУ може да се користат за да се заобиколи редовната процедура на ЕУ за краткотраен престој и деталната проценка на индивидуалните миграциски и безбедносни ризици што ги носи, вклучително и можните избегнување на мерки за спречување на перење пари и финансирање тероризам. Ова е особено проблематично кога пасошите издадени на корисници на такви шеми не можат да се разликуваат од другите обични пасоши“, се наведува во извештајот на Европската комисија.

Се нагласува дека минатата година Европската комисија даде експлицитни препораки за ефективно укинување на ваквите шеми или за воздржување на земјите од усвојување на економско државјанство.

„Покрај тоа, за ова прашање се разговара и во контекст на редовниот политички дијалог, како и на состаноците на Поткомитетот за правда, внатрешни работи и безбедност, кои се организираат во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и засегнатите земји. Во таа насока, Европската комисија ја поздравува одлуката на Албанија да ги суспендира иницијативите поврзани со воспоставувањето на шемата за економско државјанство, како и постепеното укинување на шемата за економско државјанство во Црна Гора“, се наведува во извештајот на ЕК.

За потсетување, безвизниот режим меѓу Црна Гора и ЕУ е воспоставен во 2009 година, пишува порталот РТЦГ.

ЕУ во моментов има безвизен режим со 61 земја што не е членка на ЕУ, а на осум им е одобрено ослободување од виза како резултат на успешното завршување на дијалогот за визна либерализација (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Грузија , Молдавија и Украина). Во април годинава, Советот на ЕУ и Европскиот парламент се договорија на Косово да му одобри ослободување од визи, по успешното завршување на дијалогот за визна либерализација, кој ќе стапи на сила најдоцна на 1 јануари 2024 година.