Еволуција на свеста за доброволното пензиското штедење, еден од приоритетите на Сава пензиско друштво

863

Заштедата во третиот столб, односно доброволниот пензиски фонд е можност за индивидуално капитализирано штедење кое е целосно доброволно и зависи од личната одлука на секој член. Целта на доброволното пензиско штедење е да се соберат средства врз основа на уплата на придонесите на членовите и да се инвестираат средства, со цел да се зголеми вредноста на средствата и да се обезбедат членовите со повисоки примања во пензија и пристоен животен стандард во староста, вели во интервју за Бизнис Инфо, Петар Талески, Претседател на Управен одбор на Сава пензиско друштво а.д Скопје.

Во годината за која можеме да кажеме дека на економски план беше турбулентна, Европското списание „Ворлд Фајнанс“ го препозна вашиот труд и начин на работа ориентиран кон клиентите и ви ја додели наградата „Најдобар пензиски фонд – Македонија“. Каково е чувството сега, кога некој ја препознал вашата енергија во процесот на едукација на широката јавност со релативно нови продукти на пазарот и колкав е предизвикот да се изоди овој пат? 

Тоа што Сава пензиско друштво ја доби наградата „Најдобар пензиски фонд – Македонија“ за пензиските фондови со кои што управува токму во оваа неверојатно тешка година нѐ прави особено горди. Сава пензиско друштво уште еднаш покажа дека е поим за стабилност и незаменлив економски фактор за напредок во нашата земја.

Наградата „Најдобар пензиски фонд – Македонија“ која ја доделува престижното Европско списание „Ворлд Фајнанс“, не е прва награда која сме ја добиле, но сега ни е доделена во година која е по многу нешта различна од која било друга. Соочувајќи се со предизвиците од енергетската криза, воените случувања на Европско тло, последици од пандемијата, Сава пензиско друштво успеа да ги заштити своите членови во пензиските фондови и истовремено забележа одлични деловни резултати.

Остварените резултати секоја година ги рангираат пензиските фондови со кои управува Сава пензиско друштво во сферата на стабилноста на инвестициските политики. Друштвото ја гради својата позиција преку професионално, стручно и одговорно работење, континуирана  поддршка за раст и развој на вработените и понуда на иновативни услуги креирани согласно потребите на членовите. Инвестициите во технолошката инфраструктура на Друштвото го доведоа дигиталниот свет на услугите да e сѐ поблиску до граѓаните и компаниите. А, помошта и поддршката што ја дава Сава пензиско друштво за општеството придонесоа за унапредување и подобрување на образовниот процес, здравствениот сектор, културата, уметноста. Наградата „„Најдобар пензиски фонд – Македонија“е доказ дека се движиме во вистинската насока.

Добар животен стандард во пензионерските денови е желба на секој граѓанин. Колкав е интересот за индивидуалното доброволно пензиско осигурување и која возрасна група е најзаинтересирана за овој вид штедење кое во иднина ќе им овозможи дополнителна пензија?

Заштедата во третиот столб, односно доброволниот пензиски фонд е можност за индивидуално капитализирано штедење кое е целосно доброволно и зависи од личната одлука на секој член. Целта на доброволното пензиско штедење е да се соберат средства врз основа на уплата на придонесите на членовите и да се инвестираат средства, со цел да се зголеми вредноста на средствата и да се обезбедат членовите со повисоки примања во пензија и пристоен животен стандард во староста.

На наше задоволство, интересот за доброволното пензиско осигурување станува сè поголем во последните неколку години. Во минатото интересот беше поголем кај популацијата во некоја возраст од над 35-40 години. Денес за среќа, станува сè поголем интересот и кај популацијата која е на млада возраст. Популацијата на млада возраст треба да има поголема еволуција на свеста за пензиското штедење и да се едуцира во насока дека во контекст на доброволното пензиско штедење, времето работи за помладите затоа што периодот на акумулација и капитализација односно оплодување на средствата е подолг и разбирливо, ќe има повеќе акумулирани средства на индивидуалната пензиска сметка.

Не постои минимален, ниту пак максимален износ на уплата, но сепак, дали може да се направи некој оптимален износ на средствата кои граѓаните треба да ги издвојуваат од своите тековни примања?

Членот сам го избира износот, времетраењето и динамиката на заштедата, а членството во фондот не се прекинува со запирање на плаќањата или нередовни плаќања, туку постојните средства на сметката продолжуваат да бидат дел од фондот и да остваруваат поврат (принос). Доброволниот пензиски фонд не е задолжителен и затоа треба самостојно да се зачлените во фондот. Тоа ви овозможува да креирате лична пензија. Приносот генериран од фондот дополнително ја капитализира вредноста на вашите средства како член на фондот и на тој начин придонесува за пензиските заштеди. Плаќањата не се задолжителни – тие зависат од моменталните можности на членот, односно уплаќачот. Износот, времетраењето и динамиката на плаќањата ги одредувате самостојно според вашите можности, на пример плаќате месечно, на секои три месеци, полугодишно или само еднаш годишно. Кога финансиската состојба ви дозволува, плаќајте повеќе, а кога ви требаат финансиски средства, намалете го плаќањето. Можете и континуирано истиот износ да го уплаќате, како на пример со траен налог во банка. Изборот е ваш, имате целосна контрола. Средствата на сметката се лична сопственост и се исклучиво сопственост на членот, без разлика кој е уплатувачот.

Со средствата уплатени во вашите фондови управува високостручен и професионален тим кој се грижи да обезбеди поголеми приноси за своите членови. Каква е структурата на вашето инвестициско портфолио, дали се применуваат ЕСГ стандардите?

Сава пензиско друштво е дел од Сава осигурителна групација, чија ориентација кон одржлив развој е водена од Мисијата и Вредностите на Групацијата. Визијата на Сава пензиско друштво е: Посветено работиме и градиме Друштво кое е препознаено по грижата за своите членови, транспарентноста и високите морални вредности, како и по својата активна улога во одржливоста на пензискиот систем, човечката околина и општеството во целина. Оттука, покрај максимизирање на приносот на пензиските заштеди на членовите на Сава пензиски фонд и Сава пензија плус на начин кој ги зема предвид и ризиците како важен инпут, посветуваме големо внимание и на практиките на издавачите на хартии од вредност во однос на човечката околина и општеството во целина.

При структурирањето на портфолијата на фондовите со кои управува Сава пензиско друштво, ESG критериумите се земаат предвид подолг временски период, како во фазата на избор на финансиски инструменти, така и во последователното следење на поставеноста кон практиките кои се однесуваат на животната средина, социјалните аспекти и квалитетот на корпоративното управување. Во поглед на класата на странски акциски вложувања, двата фонда со кои управува Сава пензиско друштво постигнуваат изложеност кон оваа класа со изложеност кон поединечни акции и изложеност кон удели во странски акциски фондови.

Дополнително, имајќи ја предвид изложеноста на портфолијата кон акции на етаблирани домашни компании, практикуваме акционерски активизам и на домашниот пазар на капитал. Имено, преку директна комуникација со компаниите во кои се инвестирани средствата на пензиските фондови, како и преку активизам на самите акционерски собранија, бараме поголема посветеност и транспарентност од домашните компании во врска со поставеноста кон ова релевантно прашање.

Единствени сте на пазарот за пензиско осигурување кај нас кои за своите членови имаат обезбедено точно и навремено следење на своите пензиски заштеди преку мобилната апликација Сава Пензиско План. Колку кај нас е развиена свеста за значењето на пензијата, колку луѓето се интересираат за своите заштеди?

Со најавување во мобилната апликација членовите на пензиските фондови со кои управува Сава пензиско друштво имаат непосреден увид во вкупната состојба на средства личната сметка во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд. Исто така се добиваат и информации за уплатите како и вкупниот остварен принос кој е продуциран за дефинираниот период. Сето тоа се постигнува со бесплатна регистрација за користење на апликацијата. Притоа на редовна основа се добиваат известувања за пристигнатите придонеси. Може да се направи и ажурирање на личните податоци и да се промени начинот на достава на годишните извештаи.

Што се однесува со аспектите на финансиската писменост за доброволното пензиско штедење, таа се мери преку три основни категории: финансиско знаење, финансиско однесување и однос кон трошењето на парите. Финансиската писменост расте со возраста на поединецот. Лицата постари од 29 години имаат поголемо ниво на финансиско познавање од лицата кои се на помлада возраст. Истовремено односот на младите од 18 до 29 години кон парите е најмалку одговорен и тие се категорија која најмалку се одлучува на уплата во доброволно пензиско осигурување. Писменоста која се однесува на финансиите за доброволното пензиско осигурување, позитивно се поврзани со нивото на информатичка писменост.

Како промените во даночната регулатива кои започнаа од оваа година во делот на ослободување за уплати во доброволен пензиски фонд преку професионални пензиски шеми очекувате да влијаат на интересот на овој вид на штедење. Какви се очекувањата во вашето Друштво?

Поволниот даночен третман на доброволното пензиско осигурување значи попривлечни услови на македонскиот пазар на труд за обете страни – понуда и побарувачка на работна сила, помалку непредвидлива иднина, можност за акумулација на поголеми пензиски заштеди и соодветно за исплата на повисоки пензиски надоместоци. Со оваа последна промена во даночната регулатива, се промени моментот на плаќање на даночната обврска. Претходно, компанијата која формирала пензиска шема беше ослободена од плаќање на данок на личен доход за уплатените средства во име на нејзини вработени во професионална пензиска шема. Обврска да плати данок на личен доход имаше вработениот во моментот кога стекнуваше право на пензиски надоместок, во висина од 10% на исплатеното. Со промената, обврска да плати данок на личен доход за уплатените средства има компанијата, додека за вработениот, при исплата, даночната основа за пресметка на личен данок на доход ќе биде значајно намалена и таа ќе биде разликата помеѓу висината на исплатените и уплатените средства, односно ќе се оданочи единствено остварениот принос (добивката) на уплатените средства.

Просторот за развој на доброволното капитално финансирано пензиско осигурување е широк, опфатот по број на членови и висина на акумулирани средства во третиот столб е далеку од вистинскиот потенцијал кој го има. Овој производ постои повеќе од една декада и се поголем е опфатот на популацијата до која е дојдена информација за бенефитите од доброволното штедење за пензија. Мора да истакнеме дека се поизразен е и интересот на компаниите да формираат пензиски шеми од аспект на задржување и борба за поквалитетна работна сила. Очекуваме интересот во иднина постепено да расте, а посебно очекуваме да расте во делот на индивидуалното членување, но и со притисок од вработените кон работодавачите да им ја обезбедат оваа дополнителна стимулација и грижа за нивните интереси, да расте и кај организаторите на пензиските шеми, кои се погодени со оваа даночна промена.

Дополнително, диверзификација во пензискиот систем е во насока на обезбедување на долгорочна солвентност на државниот пензиски фонд, односно релаксирање на обврските кои истиот ги генерира кон државниот буџет. Со развојот на доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, преку подигањето на јавната свест за придобивките од дополнителното штедење, како на лична основа, така и во рамките на организираните пензиски шеми, се ублажуваат ризиците од настапување на неповолни демографски и/или пазарни трендови во одредени временски периоди кои би можеле да повлечат дополнителни трансфери од државниот буџет, повисока стапка на придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување или зголемување на возрасната граница за остварување на правото за старосна пензија. Капитално финансираното пензиско осигурување овозможува зголемување на националните заштеди, зајакнување на моќта на инвестирањето, пораст на македонската економија, вложување на средствата на пензиските фондови во инструменти издадени од Република Северна Македонија и зголемување на ефикасноста на македонскиот пазар на труд. Сето ова придонесува за намалување на притисокот што пензискиот систем го врши врз јавните финансии во државата.

Секако, во иднина ќе поддржиме и охрабриме потези на државно ниво за стимулирање на развојот на овој сегмент од пензискиот систем.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk