Фондацијата е-Македонија донираше опрема во вредност од 14.000 евра

24

deteФондацијата е-Македонија во партнерство со граѓанската организација Отворете ги прозорците стартуваа со проектот Компјутерот – прозорец кон светот за еднаква вклученост во информатичкото општество на децата и лицата со попреченост.

Целта е да се овозможи што повеќе лица со попреченост да користат компјутер и интернет.

Лицата со попреченост не можат да користат стандарна компјутерска опрема, која наместо да помогне, ја отежнува нивната активна вклученост и негативно влијае на нивниот понатамошен успех во сите сфери на живеењето. Затоа, првиот чекор е набавка на асистивни и смарт уреди, во износ од 14.000 евра, како донација од Фондацијата е-Македонија.

„Како лидер во светот на телекомуникациите, ние се движиме кон создавање на  дигитално општество, кое не би било целосно доколку децата и лицата со попреченост не се дел од него. Наша обврска е како социјално одговорна компанија да им овозможиме еднакви услови, да им дадеме поттик да бидат активно вклучени рамноправни членови на новото општество базиранo на интернет протокол и информатичко – комуникациски технологии“, изјави Радмила Јонческа, претседател на Фондацијата е-Македонија.

Опремата е наменета за Отворете ги прозорците, но и за уште две други организации -Ластовица од Скопје и Здружението на лица со церебрална парализа од Велес. По добиената обука, и овие организации ќе можат да им помогнат на лицата со попреченост да ги користат компјутерите за сопствениот личен развој.

„Современата технологија може секому да му го олесни и поедностави животот, да овозможи секој да го даде својот придонес во заедницата. Многу не радува дека ова убедување го споделуваме со Фондацијата е-Македонија. Поддршката ќе ја искористиме за да им помогнеме на лицата со попреченост да го развијат сиот свој потенцијал користејќи современа компјутерска опрема“, изјави Владимир Лазовски, директор на Отворете ги прозорците.