Германија планира милијарди евра субвенции за индустриска електрична енергија

58

Германскиот министер за економија Роберт Хабек го претстави концептот на двофазен тарифен систем за индустриска електрична енергија со милијарди евра субвенции.

Крајната цел е поконкурентна цена на струјата за домашната економија.

„Енергетски интензивните компании се основата на германската економија, а со тоа и на нашата благосостојба“, се вели во планот што Министерството го претстави во петокот.

Голем дел од домашната индустрија произведува производи за извоз, односно извозниците се и главни клиенти на германските производители, на пример индустријата за стакло, хартија, метал и други стоки.

Рускиот напад врз Украина предизвика криза на енергетскиот пазар, што силно ја погоди германската економија.

Шокот од поскапувањето на енергијата сериозно ја загрозува благосостојбата на Германија и силата на нејзините индустриски основи.

„Она што го постигнавме не смее да биде загрозено. На Германија и треба и основната индустрија и индустријата на иднината“, се наведува во документот.

Хабек предлага долгорочна „трансформациска цена на електричната енергија“ и концепт според кој индустријата ќе профитира од поевтината електрична енергија добиена од обновливи извори.

Услов за тоа, сепак, останува развојот на овие извори, како што се турбините на ветер, и јасно е дека ќе биде потребно време додека тие да бидат способни со сигурност да ја снабдуваат индустријата по конкурентна цена.

„Германската индустрија веќе тргна на тој пат и се менува за да воспостави климатско неутрално производство“, вели Хабек. „На овој пат мораме да го поддржиме бидејќи така обезбедуваме силна конкурентност во државата и безбедни работни места во иднина.

Според планот, до 2030 година ќе важи „премостувачки“ тарифен систем со цена од шест центи за киловат час за „јасно дефинирана“ група потрошувачи кои ќе добиваат државни субвенции.

Финансискиот ефект на системот зависи од натамошното движење на цената на струјата, додаваат авторите на документот.

Според сегашната состојба, по истекот на сегашните субвенции покрај сметките за струја, премостувањето на државниот стабилизациски фонд до 2030 година ќе ја чини државата 25-30 милијарди евра.