Голем број фирми и банки заинтересирани за отпис на долговите на граѓаните од ранливи категории

21

Повеќе компании, меѓу кои Топлификација АД Скопје, ЕВН Македонија АД Скопје, ЕЛЕМ АД Скопје, ЈРП МРТВ, банките и Нотарската и Комората на извршители на Република Македонија се пријавија на повикот за учество во проектот за еднократен отпис на долговите за најранливите категории граѓани.

Од банките изјава за учество во проектот доставија Стопанска банка Скопје, Комерцијална, Охридска, НЛБ Тутунска, Капитал банка, Прокредит, Уни банка, Еуростандард, Централна кооперативна, Стопанска банка – Битола, Халк банка, Алфа банка, ТТК банка, Шпаркасе банка, штедилница Можности и штедилница Фулм.

Согласно Законот за еднократно отпишување на долговите на граѓаните, ќе се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а се неплатени подолго од 12 месеци.

Правото на еднократен отпис на долгови може да го искористат корисниците на социјална парична помош или на постојана парична помош, невработените лица кои активно бараат работа подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт, инвалидитет или потешка болест.

Ќе се отпишуваат долгови по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, а кои не се обезбедени, како и за радио дифузна такса.

Заедно со главниот долг ќе се отпишат и каматите, како и трошоците за нотари и извршители. За отпишаниот долг доверителите, односно банките, ЕВН, Топлификација ќе добијат право на даночен кредит во висина од 10% од отпишаниот долг.

Во следниот период ќе следи потпишување на договор меѓу Министерството за финансии и доверителите кои изразија интерес за учество, како и јавен повик до граѓаните опфатени со законот да се пријават за учество.

Министерството за финансии изразува задоволство од искажаниот интерес од страна на доверителите за вклучување во процесот на отпис на долговите на најранливите категории граѓани, јавува Миа.