Имаме задоволителни водни ресурси, потребно е рационално управување со нив

47

Деведесет и седум отсто изнесува пристапот до безбедна вода за пиење во Северна Македонија, при што овој процент во градовите изнесува сто отсто. Во руралните населби, 78 отсто од населението има исправна вода за пиење, а остатокот е изложен на повремен ризик од бактериолошко загадување на водата за пиење.

Ова ги покажува Извештајот за индикатори за животна средина на Министерството за животна средина и просторно планирање, за 2020 година, во делот вода, во кој се содржани податоци за период од 2001 до 2019 година.

Според индикаторот, при водоснабдувањето со здравствено исправна вода за пиење во руралните населени места, во континуитет се провлекуваат пропустите од типот на недефинирани санитарни заштитни зони околу извориштата на водата за пиење, непостоење на соодветна опрема за пречистување и дезинфекција на водата за пиење, како и несоодветно стручно одржување.

Денеска е 22 март – Светски ден на водата. Додека светот се соочува со предизвици околу климатските промени, Република Северна Македонија се соочува со дефицит од елементарни подзаконски акти за регулирање на управувањето со вода, како и континуирано непочитување на веќепостоечките.

Единаесет проценти од вкупниот број на домаќинства кај нас немаат пристап до вода за пиење. Малите хидроцентрали ги заробуваат реките, бунарите се копаат „на диво“, отпадните води се испуштаат непрочистени, а песокот од речните сливови се ископува за комерцијални цели. Сето ова безмилосно ја деградира животната средина и го оневозможува правото на вода, пренесува МИА.

Уживање на човековото право на вода е неопходно за водење достоинствен живот 

Околу два проценти од територијата на Република Северна Македонија се под водна површина. Има околу 35 реки и 53 природни и вештачки езера. Според количините на вода, РСМ спаѓа во подрачје со задоволителни водни ресурси, но, како што можеме да забележиме од изнесените примери, истата има доста голема нерамномерна распределба и нерационална употреба. За тоа, одговорен е секој еден од нас, со начинот на кој ја (зло)употребуваме истата, како и нефункционалната законска рамка и имплементација.

Пристапот до вода е услов без кој не може да се исполни правото на живот, адекватен животен стандард и здравје. Затоа, обезбедувањето пристап до вода за сите луѓе, треба да биде приоритет на законодавството, а имплементацијата да биде институционално функционална. Притоа, обезбедениот пристап до истото рационално и одговорно да го користиме сите.

Фото: Pixabay