Ирска дозволи hedge фондовите да кредитираат компании

51

analiza

Ирска е една од најголемите европски центри за фондови, а според најновите правила на централната банка, се дава можност hedge фондовите со седиште во таа земја да им одобруваат кредити на компаниите.

Со оглед на фактот дека по финансиската криза, банките во Европа и понатаму го намалуваат кредитирањето на населението и компаниите, оние претпријатија што се премногу мали за да издадат обврзници постојано бараат нови извори на финансирање.

Ирска традиционално ги спречуваше hedge фондовите да се занимаваат со кредитирање, бидејќи регулаторот ги смета за премногу ризични. Но, со оглед на тоа дека пристапот до пари во Европа станува се поголем проблем, ирската централна банка издаде свои прописи со кои на фондовите специјализирани за кредитирање ќе им дозволи меѓународно одобрување на кредити.

Ирската централна банка објави консултациски документ со наведените правила, а се очекува да стапи на сила до крајот на оваа година.

“Наш став е дека станува збор за сектор на кој му е потребни дополнителни правила“, вели Мартин Молони, висок претставник на ирската централна банка.

Според новите правила, на овие фондови им се овозможува на еден заемопримател да му одобрат најмногу една четвртина од вкупниот имот со кој располагаат, а износот на долгот што фондот ќе го има ќе биде ограничен на најмногу 1:1, што значи дека ако некој фонд располага со имот од 100 милиони евра, тогаш ќе може да се задолжи максимално до тој износ.