Јавниот долг на Србија надмина 26 милијарди евра

56

Вкупниот јавен долг на Србија на крајот на минатата година достигна 26,7 милијарди евра, што е најголем износ во последните 20 години, анализираат дел од српските медиуми.

Најниско задолжување од 8,8 милијарди евра било забележано на крајот на 2008-ма година по што тој има тенденција на пораст.

Србија минатата година ја заврши со јавен долг од 26,7 милијарди евра, што е за 2,7 милијарди евра повеќе во однос на претходната година. Учеството на долгот во бруто домашниот производ се зголеми од 52 на 57,4%.

“Најчесто јавниот долг во економијата се анализира во релативна смисла – колку ја оптоварува земјата. Суштински е важно колкави се трошоците за сервисирање на јавниот долг. Доколку земјата може да го поднесе и секоја година уредно да плаќа тогаш нема никаков проблем“, објаснува Љубодраг Савиќ, професор на Економскиот факултет во Белград.

Тој додава дека ако земјата тоа не може да го поднесе, воопшто не е важна висината на долгот. “Во тој случај е проблем и тешко ќе може преку кредит да ги затвори старите долгови или да ги враќа каматите. Тоа значи дека земјата станува несолвентна“, додава Савиќ.

Напоменува дека постојат критериуми што мора да ги исполнат сите земји што сакаат да станат членки на Европската унија, па дури и кандидати, по што учеството на јавниот долг во вкупниот бруто домашен производ треба да биде понизок од 60%.

Србија, како што се наведува, е под таа граница којашто во последните 20 години ја надминала во 2014 година кога јавниот долг во вкупниот БДП учествувал со 66,2%, во 2015-та бил рекордни 70% и во 2016-та година 67,7%.

Фото: Pixabay