Како да се справите со неорганизирани луѓе?

82

Дали сте од оние луѓе кои сакаат сè да им биде под конец или можеби сакате да работите во тотален хаос? Иако ова се две спротивности, сепак може да се сретнат и да функционираат во иста канцеларија. Прашањето е како да се создаде хармонија меѓу оние кои се прецизни и оние кои не можат да стигнат да ги завршат обврските, секаде доцнат…

Комуникација

Доколку во тимот имате некој кој е неорганизиран, не може навреме да ги заврши задолженијата, не може да ги одвои важните од помалку важните работи, тогаш потребно е да воспоставите соодветна комуникација. Тоа не значи дека треба постојано да го карате или контролирате, туку да му дадете поддршка и да му помогнете полесно да се снајде.

Дајте му задолженија што се последователни

Најдобро би било ако му давате да завршува задачи што се меѓу себе зависни и поврзани. На пример, за да може да прејде на една задача, претходно мора да ја има завршено претходната. На тој начин нема да се создава празнина, туку фокусот ќе му биде поставен на секоја задача за да може да ја заврши работата како целина.

Вклучете го во процесот на планирање и контрола

Со план се почнува, а со контрола се завршува секој процес. Луѓето кои имаат борба со времето, најдобро е да им помогнете да се справат со сите фази низ коишто поминува работата, за да можат подобро да се организираат и да се сконцентрираат.

Затоа, вклучете ги во процесот на планирање, покажете им колку е важно да се има точно утврден план со активности и задачи што треба да се реализира, а потоа дајте им прилика да се вклучат во контролните процеси. Така ќе ја сфатат суштината на добрата организација, почитување на своето и времето на останатите колеги, соработници, партнери, клиенти…

Фото: Pixabay