Ќе “преживееме“ ли со помалку дознаки?

54

Дознаките од работниците коишто доаѓаат во Македонија по официјални канали изнесуваат 1,6% од бруто домашниот производ на земјата во 2019 година, но сепак вкупните повратни трансфери во 2019 година изнесуваа 13,6% од БДП, сметаат експерти од Светска банка.

Со ова, нашата земја на подрачјето на Западен Балкан е држава со најголем удел на дознаките во вредноста на БДП.

Уделот на дознаките во бруто домашниот производ на Србија беше 5,8%, а според податоците на Светска банка, како што пренесува Seebiz, на Косово е 12%, во Босна и Херцеговина 8,4%, во Црна Гора 4% и Албанија 5,2%.

На намалување на потрошувачката на домаќинствата, што оваа година се очекува во сите земји од Западен Балкан, ќе влијае и намалениот обем на дознаки од странство, прогнозира Светска банка.

“Во регионот се предвидува пад од 10% во однос на истиот период лани, додека во Србија и Црна Гора најверојатно ќе има пад од скоро 20%“, наведуваат од Светска банка.

Дознаките што луѓето кои работат во странство ги праќаат во матичната земја, според проценките на Светска банка, ќе го доживеат историски најголемиот пад на глобално ниво.

Светска банка наведува дека дознаките оваа година ќе се намалат за 142 милијарди долари, најмногу поради пандемијата предизвикана од коронавирусот.

“Дознаките се значаен извор на приходите во земјите во развој. Моменталната ситуација сериозно ќе влијае на можноста да испраќаат пари дома, поради што важно е да се скрати времето за закрепнување на развиените економии“, смета Дејвис Малпас, претседател на Светска банка.

Проекциите покажуваат дека вредноста на дознаките ќе се намали за скоро 20%, што е околу четири пати поголем пад во земјите со ниски и средни примања забележан во 2009-та година.

Се претпоставува дека околу 270 милиони луѓе работат надвор од своите држави и финансиски ги помагаат своите семејства во родната земја.

Фото: Pexels