Ќе се заострат ли условите за кредитирање во земјава?

99

Во вториот квартал на 2021 година, Анкетата за кредитна активност на Народна банка укажува на натамошно нето заострување на условите за одобрување корпоративни кредити, но послабо во споредба со претходната анкета.

Сепак и понатаму најголемиот процент од банките (околу 92%) укажуваат на непроменети кредитни услови. Нето-заострувањето на условите за кредитирање на претпријатијата во вториот квартал од годината е во согласност со очекувањата на банките дадени во претходната анкета за истиот квартал. За третиот квартал од 2021 година, банките очекуваат мало нето-заострување на кредитните услови за одобрување корпоративни кредити.

Анализирано од аспект на поединечните услови за кредитирање на претпријатијата, во вториот квартал на годината банките укажуваат на нето-олеснување кај каматната стапка на кредитите, за разлика од малото нето-заострување во претходната анкета. Кај барањата за обезбедување и некаматните приходи, банките и понатаму укажуваат на нето заострување, но послабо кај вториот услов. Големината на заемот и достасувањата на заемите се оценети главно како непроменети.

Од аспект на факторите коишто делуваат врз условите за одобрување на корпоративни кредити, во рамките на групата трошоци на финансиските средства и ограничувања на билансот на состојба, факторот трошоци поврзани со капиталната позиција на банката придонесува кон мало нето-заострување на кредитните услови, за разлика од нето-олеснувањето во претходната анкета.

Пристапот на банката до пазарно финансирање и ликвидносната позиција на банката се фактори коишто и понатаму придонесуваат кон нето-олеснување на кредитните услови, но послабо во однос на претходната анкета. Кај групата притисоци од конкуренцијата, сите фактори и натаму придонесуваат кон нето-олеснување на кредитните услови, но посилно кај факторот конкуренција од други банки, додека придонесот на факторите конкуренција од небанкарскиот сектор и конкуренција од пазарно финансирање е речиси ист како и во претходната анкета.

Во оваа анкета се забележува намалување на согледувањето на ризикот кај банките. Во рамките на групата согледување на ризикот, факторите очекувања за вкупната економска активност и ризикот од неизвршување на обезбедувањето придонесуваат кон нето-олеснување на кредитните услови, за разлика од нето-заострувањето во претходната анкета. Факторот очекувања за перспективата на гранката на која ѝ припаѓа претпријатието и понатаму придонесува кон нето-заострување на кредитните услови, но значително послабо во споредба со претходниот квартал.

Од аспект на влијанието на монетарната политика врз условите за кредитирање на корпоративниот сектор во вториот квартал од годината, околу 80% од банките укажуваат дека промените на монетарната политика влијаеле незначително врз нивната каматна политика, исто како и во претходниот квартал. Процентот на банките коишто укажуваат дека промените во монетарната политика не влијаеле врз нивната каматна политика се зголеми во однос на претходната анкета, од 1,6% на 15,8%. Околу 5% од банките укажуваат дека промените во монетарната политика влијаат делумно врз нивната каматна политика (18% од банките во претходната анкета).

Во вториот квартал на 2021 година, Анкетата укажува на нето-зголемување на вкупната побарувачка на корпоративни кредити, за разлика од нето-намалувањето на побарувачката во претходната анкета. Слично како и во претходната анкета, околу 65% од банките укажуваат на непроменетост на вкупната кредитна побарувачка. Нето зголемувањето на побарувачката во вториот квартал е во рамките на очекувањата на банките дадени во претходната анкета. За третото тримесечје на 2021 година, банките очекуваат натамошно нето-зголемување на кредитната побарувачка од страна на претпријатијата.

Анализирано од аспект на факторите коишто влијаат врз побарувачката на корпоративните кредити, во рамките на групата потреби од финансирање, инвестициите во основни средства, инвестициите во залихи и обртен капитал, како и преструктуирањето на долгот придонесуваат кон нето-зголемување на побарувачката на кредити, главно посилно во однос на претходната анкета. Во рамките на факторите од групата употреба на алтернативно финансирање, факторите интерно финансирање и заеми од останати банки и понатаму придонесуваат кон нето-зголемување на побарувачката на кредити.

Во вториот квартал на 2021 година, банките укажуваат на натамошно нето олеснување на вкупните кредитни услови кај кредитите на домаќинствата, но послабо во однос на претходната анкета. Нето-олеснувањето на кредитните услови во вториот квартал е во рамките на очекувањата на банките дадени во претходната анкета. За третиот квартал од 2021 година, банките очекуваат нето-заострување на кредитните услови кај кредитите на домаќинствата.

Гледано од аспект на поединечните кредитни услови, кај каматната стапка на станбените и потрошувачките кредити и понатаму се забележува нето-олеснување, коешто е помалку изразено во однос на претходната анкета. Од аспект на останатите кредитни услови, провизиите (кај станбените кредити) и некаматните приходи (кај потрошувачките кредити) и понатаму забележуваат нето-олеснување.

Обврските за обезбедување кај станбените кредити забележуваат нето-заострување, додека кај потрошувачките кредити нето-олеснување. Кај достасувањето на заемите во рамките на потрошувачките кредити е забележано нето-заострување, за разлика од нето-олеснувањето во претходната анкета.

Во однос на факторите коишто предизвикуваат промена на условите за одобрување кредити на домаќинства, конкуренцијата од другите банки и натаму е главниот фактор којшто придонесува за нето-олеснување на кредитните услови кај станбените и потрошувачките кредити. Трошоците на финансиските средства и ограничувањата на билансот на состојба и понатаму придонесуваат за нето-олеснување на условите за одобрување на потрошувачките кредити. Од факторите од групата согледување на ризикот, кредитната способност на потрошувачите главно придонесува кон непроменетост на кредитните услови кај станбените кредити, за разлика од нето-заострувањето во претходната анкета.

Очекувањата за вкупната економска активност и понатаму придонесуваат за нето-олеснување на кредитните услови кај станбените кредити, при минимално нето-заострување кај потрошувачките кредити. Кај двата вида кредити на домаќинствата, ризикот од неизвршување на обезбедувањето и понатаму придонесува кон нето-заострување на кредитните услови.

Од аспект на влијанието на промените на монетарната политика врз каматната политика на банките при одобрувањето кредити на домаќинствата, најголемиот дел од банките (околу 70%) укажале дека промените во монетарната политика влијаеле незначително врз нивната каматна политика. Околу 27% од банките укажале дека промените во монетарната политика не влијаат врз нивната каматна политика, додека мал дел од банките укажале дека промените во монетарната политика влијаат делумно врз нивната политика.

Во вториот квартал на 2021 година, Анкетата укажува на натамошно нето зголемување на побарувачката на вкупните кредити на секторот домаќинства. Сепак, во споредба со претходната анкета, двојно е зголемен процентот на банките коишто укажале на непроменета кредитна побарувачка (околу 85% од банките). Од аспект на поединечните типови кредити, побарувачката на станбени кредити бележи нето-зголемување, за разлика од нето-намалувањето во претходната анкета.

Кај потрошувачките кредити и понатаму е се забележува нето-зголемување на побарувачката, но значително послабо во однос на претходниот период. Нето-зголемувањето на побарувачката на вкупните кредити во вториот квартал е во согласност со очекувањата на банките дадени во претходната анкета. Во третиот квартал од 2021 година, банките очекуваат натамошно нето-зголемување на побарувачката на кредити од страна на домаќинствата.

Фото: Pixabay