Кои се компаниите што ја започнаа годината со масовни отпуштања

149

Само изминатата недела, Alphabet, матичната компанија на Google, Microsoft oбјавија отпуштања што ќе погодат повеќе од 22.000 работници.

Нивните потези уследија по кратењето на работните места претходно овој месец во Amazon, Goldman Sachs и Salesforce. Се очекува повеќе компании да го сторат истото, бидејќи фирмите кои агресивно вработуваа во последните две години ќе ги сопираат и во многу случаи ќе тргнат во рикверц.

Укинувањето на работните места е во целосна спротивност со 2022 година, која имаше втора најголема добивка на работни места во историјата, со 4,5 милиони. Но, бројот на работни места минатата година почна да опаѓа како што одминуваше годината, при што декемврискиот извештај за работни места покажа најниски месечни корпоративни добивки во последните две години.

Највисоко ниво на вработеност е забележано во 2021 година, кога се додадени 6,7 милиони работни места, јавува Си-Ен-Ен и додава дека тоа се случило по првата година од пандемијата, кога САД практично се затвориле и биле изгубени 9,3 милиони работни места.

Тековните отпуштања се случуваат во повеќе индустрии, од медиумски фирми до Волстрит, но досега тие особено го погодуваат секторот Big Tech. Тоа е сосема поинаква приказна во споредба со загубата на работни места за време на пандемијата, поради која навиките за купување на потрошувачите се префрлија на е-трговија и други онлајн услуги за време на заклучувањето. Технолошките компании тогаш почнаа да  вработуваат, а сега ја плаќаат цената.

Сега работниците се враќаат во канцелариите, а физичката трговија се враќа. Додадете ја на тоа зголемената веројатност за рецесија, повисоките каматни стапки и слабата побарувачка поради растот на цените, а технолошките компании ги намалуваат своите трошоци.

Јануари беше исполнет со наслови кои најавуваа отпуштања од компанија по компанија. Еве ја листата на отпуштања овој месец – досега.

Alphabet
Google во петокот соопшти дека отпушта 12.000 работници во производствените области и региони, или 6% од нејзината работна сила. Alphabet додаде 50.000 работници во текот на изминатите две години бидејќи пандемијата создаде поголема побарувачка за нејзините услуги. Но, неодамнешните стравови од рецесија ги принудија огласувачите да се повлечат од својот основен бизнис за дигитално рекламирање, намалувајќи го приходот на компанијата.

„Во текот на изминатите две години, видовме периоди на драматичен раст“, ​​рече извршниот директор Сундар Пичаи во е-пошта до вработените. „За да го охрабриме тој раст, се обврзавме на поинаква економска реалност од онаа со која се соочуваме денес.

Мајкрософт
Технолошкиот гигант отпушта 10.000 вработени, соопшти компанијата во пријавувањето за хартии од вредност во средата. На глобално ниво, Мајкрософт има 221.000 вработени со полно работно време, од кои 122.000 се во САД.

Извршниот директор Сатја Надела за време на говорот во Давос рече дека „никој не може да ѝ пркоси на гравитацијата“ и дека Мајкрософт не може да ја игнорира послабата глобална економија.

„Живееме низ времиња на значајни промени и додека се среќавам со клиентите и партнерите, неколку работи се јасни“, напиша Надела во меморандумот. „Прво, бидејќи видовме дека клиентите го забрзуваат своето дигитално трошење за време на пандемијата, сега ги гледаме како ги оптимизираат своите дигитални трошоци за да прават повеќе со помалку“.

Голдман Сакс
Банката ќе отпушти до 3.200 работници овој месец поради падот на глобалната активност за правење зделки. Се очекува дека повеќе од една третина од намалувањето ќе биде во трговските и банкарските единици на компанијата. Голдман Сакс имаше речиси 50.000 вработени на крајот на третиот квартал од минатата година.

Coinbase
Крипто брокерството на почетокот на јануари објави дека отпушта 950 луѓе – скоро секој петти вработен. Овој потег доаѓа само неколку месеци откако Coinbase отпушти 1.100 луѓе.

Иако биткоинот имаше солиден почеток на новата година, крипто компаниите беа погодени од значителен пад на цените во текот на изминатата година.

Мекдоналдс
Мекдоналдс, кој напредуваше за време на пандемијата, планира да отпушти дел од својот корпоративен персонал, рече извршниот директор Крис Кемпчински овој месец.

„Ќе ги процениме улогите и нивоата на работната сила во делови од организацијата и претстојат тешки дискусии и одлуки“, рече тој, поставувајќи план за „рушење на внатрешните бариери, да бидеме поиновативни и да се намали работата што не е во согласност со приоритетите на компанијата“.

Амазон
Како што започна новата година, Амазон објави дека планира да отпушти повеќе од 18.000 вработени.

„Компаниите кои траат долго минуваат низ различни фази. Тие не се во режим на проширување секоја година“, рече извршниот директор Енди Џеси во белешката до вработените.

Бизнисот на Амазон цветаше за време на пандемијата и масовно вработуваше во изминатите неколку години. Но, побарувачката се олади бидејќи потрошувачите се враќаат на нивните офлајн животи и се борат со сѐ повисоките цени. Амазон вели дека има повеќе од 800.000 вработени.