Колку се лекуваме преку доктор Google?

39

Пристапот до интернет ни го олесни животот бидејќи имаме пристап до безброј информации и податоци од целиот свет. Но, треба да бидете внимателни, посебно за информации поврзани со здравјето и медицината, а особено сега во време на пандемија.

Во последните три месеци од минатата година, секој втор жител на Европската унија (55%) на возраст од 16 до 74 години преку интернет пребарувале информации поврзани со нивното здравје, а најчесто за повреди, заболувања, исхрана, подобро здравје и слично. Тоа е за два процентни поени повеќе одошто претходната година и за 21 процентен поен повеќе во однос на 2010 година, кога “само“ 34% од Европејците на интернет пребарувале некаква дијагноза, совет или нешто слично поврзано со нивното здравје или состојба.

Според податоците на Eurostat, во Македонија во 2019 година, 45% од лицата на возраст меѓу 16 и 74 години преку интернет пребарувале информации поврзани со здравјето. Една година претходно, тој процент бил 39. во 2017-та година 44%, а во 2013-та година 35%.

Податоците на Eurostat покажуваат дека 20% од жителите на ЕУ преку интернет закажале и состанок со лекар. Околу 13% од имале пристап до некоја здравствена услуга преку апликација или интернет страница наместо лично да одат во болница, додека 11% од граѓаните имале личен пристап преку интернет до својот здравствен картон.

Уделот на луѓе кои пребаруваат здравствени информации преку интернет е различен меѓу земјите членки на ЕУ. Најголем процент е регистриран во Финска, каде 77% од луѓето на возраст од 16 до 74 години во последните три месеци побарале некаква информација на интернет поврзана со здравјето. По нив следат: Холандија (76%), Данска (72%) и Германија (70%).

Од друга страна, најмал процент е забележан во: Романија (28%), Бугарија (29%) и Полска (43%).

Фото: Pexels