Колку странски директни инвестиции Македонијa привлекла лани?

48

Вкупните странски директни инвестиции (СДИ) во економиите во транзиција лани биле 24,16 милијарди долари, покажуваат податоците на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (United Nations Conference on Trade and Development – UNCTAD).

Од тој износ, на Македонија отпаѓаат 274 милиони долари, што ја сместува земјава на дното според странски директни инвестиции. Од земјите во регионот, најмногу директни странски инвестиции лани имало во Србија од 3,44 милијарди долари. Потоа следат: Хрватска (1,3 милијарди долари), Албанија (1,1 милијарда долари), Словенија и Црна Гора (по 529 милиони долари) и Босна и Херцеговина (371 милион долари).

Глобалните текови на СДИ минатата година се намалиле за 35%, при што се намалени од 1.500 милијарди долари во 2019 година на 998,9 милијарди долари во 2020 година. Како причина за тоа, UNCTAD ја наведува глобалната здравствена криза и рестриктивните мерки за спречување на ширење на заразата.

Инвестициите во развиените економии се скоро преполовени на 312 милијарди долари. Во САД, странските директни инвестиции се намалени за 40%, но и покрај тоа повторно привлекле најголем износ од 156,32 милијарди долари. СДИ во Европа се намалени за 80%, на 72,5 милијарди долари.

UNCTAD очекува во текот на оваа година, глобалните СДИ да бидат делумно надоместени благодарение на закрепнувањето на големите економии.

Фото: Pexels