Компаниите ја напуштаат Русија, но нивните производи остануваат: Русите сè уште уживаат во Зара, Кока Кола…

102

Според истражувањето на економистите од швајцарскиот универзитет Сент Гален, помалку од девет отсто од компаниите од ЕУ и земјите од Г7 кои имаа подружници во Русија ја напуштиле земјата по воведувањето на санкциите минатата година. Сепак, додека западните брендови го напуштаат овој пазар, нивната стока останува, пишува Ројтерс.

„Луѓето се враќаат од странство наоварени со најновите модели на Зара, а локалните онлајн пазари ги купуваат залихите за мебел на ИКЕА“, се вели во извештајот.

Имено, иако времето на испорака сега може да биде подолго, а некои производи се поскапи, нивното заминување минимално го чувствуваат потрошувачите.

Главната промена се однесува на синџирот за испорака, додека производите остануваат достапни и онлајн и во продавниците. Купувачите само треба да знаат каде да бараат. Што е најважно, огромното мнозинство на стоки не подлежат на санкции и овие прекугранични текови се легални, пишува Ројтерс.

Оваа континуирана достапност на брендови ги покажува предизвиците со кои се соочуваат компаниите во контролирањето на синџирите на снабдување при излегување од пазарот. Zara, во сопственост на шпанска Inditex, ги продаде своите 502 продавници во Русија на Daher Group, но онлајн трговците на мало го одржаа брендот жив во земјата.

На пример, Албина (32) минатиот месец отиде во Минск со празен куфер и по 24 часа се врати со облека во вредност од 442 долари од брендовите Зара, Берчска и Масимо Дути.

– Има страници на Инстаграм, Телеграм, има и девојки кои се преселиле во Европа, или Истанбул и Дубаи. Тие собираат нарачки, земаат провизија од 15 до 30 отсто и потоа ги испраќаат во Русија – изјави таа за Ројтерс.

По заминувањето на големите компании, Русија го легализираше таканаречениот паралелен увоз, дозволувајќи им на трговците на мало да увезуваат производи од странство без дозвола на сопственикот на трговската марка.

Така, додека Coca-Cola престана да ги произведува и продава своите пијалоци во Русија минатата година, други ги увезуваа, со лименки и шишиња означени дека доаѓаат од Европа, Казахстан, Узбекистан и Кина.

Една од карактеристиките на оваа зделка е дека цената може да варира. Во еден московски супермаркет се продаваат три лименки Кока-Кола по три различни цени, увезени од Данска, Полска и Британија.

– Кока-кола лесно може да види дека потребата е зголемена во земјите кои се блиски до Русија, од каде доаѓа најголемиот дел од паралелниот увоз. Сепак, не е во нивен интерес да направат нешто во врска со тоа – изјави Рам Бен Цион, извршен директор на дигиталната платформа „Пабликан“.

Coca-Cola одби да ги коментира наводите.

Фото: Pixabay