Крипто компаниите како „грне со мед“ за измамниците

87

Илјадници, ако не и милиони луѓе можеби изгубиле пари како дел од вториот најголем крипто-хак во историјата. Ronin Network, една од главните платформи за тргување со криптовалути, е „полесна“ за 615 милиони долари. Но, под површината на настанот гледаме алармантен тренд. Крипто компаниите работат сосема поинаку од обичните бизниси.

Ден Рин, 20-годишен од Вилтшир, е еден од погодените. Тој вели дека изгубил 0,15 Ethereum, што е околу 500 долари. „Тоа е лошо, но имам пријатели во полоша ситуација“, изјави тој за Би-Би-Си.
Џек Кени е еден од тие пријатели. „Имам околу 10.000 долари“, вели Кени. 23-годишникот од Ирска исто така коментира: „Мислам дека луѓето не го разбираат целосно значењето на овој хак – 600 милиони долари се многу голем дел од сите средства во оваа мрежа“.

Да ги изгубите заштедите на целиот свој живот

Човек од источниот брег на САД вели дека изгубил 8.000 долари, но додава дека има луѓе кои можеби ги изгубиле „заштедите на животот“.

Крипто-берзата е поврзана со виртуелната игра Axie Infinity. Во неа, играчите се борат со анимирани миленичиња наречени Axies за да освојат криптовалути. Играта е исклучително популарна меѓу милиони играчи ширум светот, кои се надеваат дека ќе освојат криптовалути и ќе соберат незаменливи токени (NFT). На некои места, како на пример на Филипините, играта стана работа со полно работно време и е потенцијално доста профитабилна.

И играта, и Ronin Network се во сопственост на виетнамската матична компанија Sky Mavis. Компанијата вели дека хакер си префрлил 540 милиони долари во криптовалута пред шест дена, но компанијата забележала дури во вторникот кога клиент не можел да ги повлече своите средства. Оттогаш, украдените криптовалути пораснаа во вредност, сега се проценуваат на околу 615 милиони долари.

Ова е најновото откритие во серијата кражби на криптовалути во текот на изминатата година во вкупна вредност од повеќе од 2 милијарди долари.

Дали клиентите ќе си ги вратат парите?

Ronin Network вели дека „работат со службениците за спроведување на законот,“ за да се осигура дека сите средства се повратени. Првично, компанијата излезе само со кратко соопштение. Потоа ја стави својата веб-страница офлајн. Тие, исто така, ги деактивираа коментарите на објавите на социјалните мрежи на компанијата.

Подоцна оттаму одговорија на прашање од Би-Би-Си дека е „обврзана“ да ги надомести клиентите, но не може да гарантира. Компанијата сè уште не им кажала на клиентите што се случува со нивните средства или кога ќе си ги вратат парите.

Поинтересна е реакцијата на корисниците. „Не се обидов да контактирам со поддршката за корисници бидејќи знам дека ќе биде бескорисно“, вели Ден. „Можам само да почекам да слушнам од нив дали и кога ќе се реши проблемот и се надевам дека ќе можам да го извадам мојот Ethereum. Крипто компаниите навистина не работат на ист начин како обичните компании“, објаснува младиот човек.

Во повеќето случаи, хакирањето на криптовалутите завршува со враќање на парите на некој начин, но тоа може да потрае со месеци или години. Специјалистот за криптовалути Дејвид Канелис од Protos вели дека директната комуникација со компаниите за криптовалути е исклучително лоша. „Кога имате работа со ентитети кои работат со повеќе од половина милијарда долари, веројатно би очекувале малку повеќе можност за разговор и отвореност за комуникација – особено кога има таков безбедносен пропуст“, вели тој.

Зошто се повторува сценариото?

Ronin Network вели дека хакирањето всушност започнало во ноември 2021 година. Тогаш базата на корисници на Axie Infinity се зголемила до колосални размери. Компанијата рече дека приливот на играчи предизвикал „огромен обем на работа“, принудувајќи ја да ги олабави безбедносните процедури за да се справи со зголемената побарувачка.

Во соопштението се вели дека работите се смириле во декември, но компанијата заборавила да ја засили безбедноста и хакерите ја искористиле задната врата, која била оставена отворена.

„Ова е прилично типично за крипто-компаниите“, рече економистот и автор Френсис Копола.
„Сведоци сме на толку многу хакери и експлоатации предизвикани од – да бидеме искрени – целосна небрежност и недостаток на грижа за безбедноста на средствата на луѓето. Крипто-компаниите понекогаш се толку желни да заработат „многу пари“ или само да ја задоволат големата побарувачка што користат лошо дизајниран и слабо тестиран код, ја загрозуваат безбедноста или се потпираат премногу на инфраструктурата“.

Како резултат на тоа, криптовалутите се повеќе се гледаат како „ниско висечки плодови“ од хакерите. Крипто-компаниите се како „грне со мед“ за лукавите измамници.

Ден Рин изгледа е во право – крипто-компаниите навистина не работат како обичните компании.