Ладен туш за Европа: „Не сметајте на нашата нафта и гас за да ве спасат“

173

Поради својата прекумерна зависност од руската нафта и природен гас, Европа е особено ранлива на високи цени и недостиг на енергија, а вестите кои деновиве доаѓаат од светските пазари укажуваат дека таа може да се остави на цедило пред зимата.

Европа воведе санкции кон Русија поради инвазијата на Украина, потпирајќи се на идејата дека ќе се зголеми производството на нафта на другите пазари, како и дека ќе се најдат алтернативни рути за замена на барем дел од рускиот гас. Со оглед на тоа што високата цена и намалената понуда носат профит за оние кои произведуваат енергетски производи, се чини дека светските компании не брзаат да го зголемат производството, бидејќи тоа би довело до намалување на цената на нивните стоки, а со тоа и до намалување на приходи, пишува Euronews.

Нов придонес во растот на енергетската неизвесност, како ладен туш за Европа, овојпат не дојде од руската страна, туку од САД. Водачите на американската нафтена и гасна индустрија предупредија дека ЕУ не може да смета на нив за да обезбеди енергетска стабилност во текот на зимата со значително зголемување на снабдувањето. Притоа, тие нагласија дека намалувањето на извозот на руската нафта може уште еднаш да ги „турне“ цените на најважниот енергетски производ над 100 долари за барел, иако пазарот е смирен и цените паднаа во последните недели.

Со оглед на тоа што земјите од Г7 најавуваат ограничување на цената на руската нафта од 40 до 60 долари, сега се поставува прашањето дали режимот на Путин ќе одговори на таа мерка со целосно суспендирање на извозот на нафта на Запад, што исто така може да предизвика нов пораст на цените.

Во меѓувреме, европскиот план за ограничување на цената на рускиот гас се разводни во дискусиите и дилемите на членките на ЕУ, иако самите шпекулации за воведување на лимитот предизвикаа ценовен шок на европскиот енергетски пазар.

Американската министерка за финансии Џенет Јелен изјави дека планираното ембарго на ЕУ за руската нафта на крајот на оваа година „може да предизвика скокови на цената на нафтата“.

„Јутарњи лист“ пишува дека, без разлика на алијансата, САД особено не и помагаат на ЕУ да ги премости енергетските проблеми предизвикани од руската инвазија на Украина преку зголемување на понудата на енергетски производи. Информациите за тоа како директорите на американската нафтена и гасна индустрија не можат или не сакаат брзо да го зголемат производството на нафта и гас за да му помогнат на европскиот енергетски сектор во текот на зимата е ново парче во мозаикот на очекуваната европска енергетска криза во текот на зимата. Иако резервите на нафта и гас во американските шкрилци се огромни, менаџерите сега предупредуваат дека САД не можат значително да го зголемат производството, пишува Euronews.

„Не дека Соединетите Американски Држави  можат да пумпаат многу повеќе. Нашето производство е она што е. Нема спас што ќе стигне, ниту на страна на нафтата ниту на гасот“, изјави за ФТ, првиот човек на Quantum Energy Partnerts, Вил Ванлох.

Тој наведе дека проблемот е што американската нафтена и гасна индустрија веќе го максимизирала производството за да заработи што повеќе од високите цени, но тврдат дека повеќе од тоа не е можно.

Запрашан дали може да се очекува уште едно големо зголемување на производството, извршниот директор на Pioneer Natural Resources, Скот Шефилд, рече дека не гледа дека тоа доаѓа.

„Ние не додаваме нови бушотини, ниту гледаме некој друг да го прави тоа“, рече Шефилд, додавајќи дека очекува цената на нафтата да се искачи над 120 долари за барел.

Ембаргото може да ги зголеми цените за 20 проценти
Во слична рамка се и проценките на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), која прогнозира раст на цената на нафтата за околу 20 отсто, откако ќе се активира целосното нафтено ембарго на ЕУ, кое треба да биде договорено на крајот на ноември. По извештајот на ИЕА, цената на нафтата скокна за 1 отсто на 94 долари за барел.

Од почетокот на војната во Украина, тектонските промени се случуваат на енергетската карта на Европа, но последиците од конфликтот стигнуваат многу подалеку од Стариот континент и се чувствуваат низ целиот свет, така што регионот на Блискиот Исток, кој игра значајна улога во енергетската криза, не е исклучок.

Си-Ен-Ен јавува дека поради конфликтот во Украина, цената на нафтата е на највисоко ниво во последните 14 години. Ова предизвика висок степен на инфлација и економската криза се заканува повторно да го погоди светот, но богатите земји од регионот на Персискиот Залив ја гледаат својата можност во ова – по ниските цени на берзата и кризата со корона, конечно се остварувајќи голем профит благодарение на извозот на енергетски производи.

Меѓународниот монетарен фонд предвидува дека земјите извознички на нафта од Блискиот Исток ќе генерираат дополнителни 1,3 трилиони долари приход во следните четири години. Војната во Украина донесе и нови можности за извозниците на гас во овој регион.