Лагард: Следниот тест е да се намали јазот помеѓу северна и јужна Европа

38

Најголемиот предизвик со кој се соочува закрепнувањето на европската економија е дали властите ќе можат да ги спроведат потребните промени за да го трансформираат нејзиниот потенцијал, рече претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард.

Невидена парична и фискална помош и повеќе вакцини го доведоа регионот до точка каде што тој „закрепнува побрзо отколку што очекувавме“, рече таа за емисијата на Дејвид Рубенштајн на „Блумберг“. Сега се очекува еврозоната да достигне предпандемиски нивоа на производство пред крајот од оваа година.

Клучниот тест сега зависи од тоа како Европа ќе дејствува за да го премости долгогодишниот јаз меѓу северните и јужните земји, да ги намали нееднаквостите што се влошуваат со пандемијата и да помогне во транзицијата кон поодржлива еколошка економија, рече Лагард.

„Најголемиот предизвик, како и секогаш, е да се исполнат целите“, рече таа. „Поентата е да се фокусира финансирањето кон вистинските инвестиции, осигурувајќи дека економиите ќе закрепнат во вистинската форма, со правилни структурни реформи што ќе ја подобрат продуктивноста на оние економии, што ќе ги позиционираат како подигитални и позелени“.

Забелешките на претседателот на ЕЦБ ги истакнаа проблемите што ја мачеа европската економија во последната деценија, дури и пред пандемијата, кога слабите инфлаторни притисоци ја принудија ЕЦБ да ја држи монетарната политика крајно лабава. Лагард, чиј мандат започна на крајот на 2019 година, тогаш мораше да ја претстави најголемата стимулативна мерка досега со програмата за откуп на кризни обврзници од 1,85 трилиони евра.

Фалејќи ја „добрата координација“ на европските влади среде вонредна состојба, Лагард изрази надеж дека ќе научат од ова искуство. Таа го истакна пакетот за обновување на регионот без преседан од 750 милијарди евра, кој вклучува комбинација на заеми и грантови дизајнирани да го поттикнат растот.

„Фондот ќе помогне да се зближат земјите и да се намали јазот што постои помеѓу некои јужноевропски земји и северноевропските земји“, рече таа. „Тоа е дефинитивно намерата.

Клучен предизвик, исто така, ќе биде да се одговори на штетата на деловите на пазарот на трудот, каде што жените и младите беа меѓу најранливите вооднос на губење работни места, рече таа. Ова го одразува стравот на другите централни банки, вклучително и Федералните резерви, дека на глобалното економско закрепнување ќе му треба време за да стигне до оние, што се најпогодени од кризата.

Минатата недела, претставници на ЕЦБ го забавија темпото на купување на пандемични обврзници, велејќи дека заздравувањето може да се одржи со малку помала поддршка.

Лагард предупреди дека се уште е рано да се разговара за понатамошни чекори за намалување на поддршката, бидејќи економијата продолжува да се соочува со неизвесност поради варијантите на коронавирус и глобалните шокови на синџирот на снабдување.