Меморандум за соработка меѓу АХВ и Агрокомората при ССК

24

Соработката меѓу Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Агрокомората при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) денеска беше официјализирана со потпишување на Меморандум за соработка.

Целта на овој Меморандум, како што беше нагласено, е компаниите од агросекторот навреме да добијат информации за сите законските измени, како и консултации поврзани со решенија од европската регулатива.

„Законите многу брзо се менуваат поради што, често, немаме доволно информации, а кога станува збор за прехранбените производи не смее и не треба да има недоразбирања“, рече Огнен Оровчанец, претседател на Агрокомората при ССК.

Според директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Дејан Рунтевски, промените во законите во овие области се чести и повлекуваат одредени финансиски импликации на бизнис секторот.

“Промените на законската и подзаконската регулатива се многу чести и повлекуваат одредени финансиски импликации за бизнис секторот. Сакаме да ја подигнеме соработката уште при носењето на законите, да го слушнеме мислењето на компаниите пред да се донесе легислативата и веднаш потоа да организираме соодветни обуки и семинари за нејзина успешна примена“, рече Рунтевски.

Според претставниците на агросекторот, за оваа година се очекува добра жетва на есенските, но и на пролетните култури.