МЕПСО доби кредит од ЕБOР за изградба на нов далековод што ќе ги поврзе Македонија и Албанија

41

EBRD 1 web

МЕПСО склучи договор со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за кредит од 37 милиони евра наменети за финансирање на изградбата на нов 400 kV интерконективен далекувод што ќе ги поврзува електропреносните системи на Република Македонија и на Република Албанија.

Двата електропреносни системи ќе се поврзат преку 400/110 kV трансформаторските станици Битола 2 и Елбасан.

По тој повод договорот за кредитен аранжман денеска го потпишаа Синиша Спасов, генерален директор и претседател на Управен одбор на МЕПСО и Холгер Муент, директор за Западен Балкан во ЕБОР. На свеченоста присуствуваат и Беким Незири, министерот за економија и Аиво Орав, амбасадорот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија.

Со кредитот ќе бидат изградени 95 километри 400 kV далекувод од 400/110 kV ТС Битола 2 до македонско – албанската граница и нова 400/110 kV трансформаторска станица во близина на Охрид. МЕПСО во овој проект ќе учествува и со сопствено учество на средства кои се дел од грантот добиен во износ од 12 милиони евра од фондот Инвестициска рамка за Западен Балкан и Европската унија и од средства на Европската унија.

“Со новиот регионален проект МЕПСО го заокружува енергетскиот коридор 8, со што целиот Балкан добива многу. Меѓу најважните придобивки се: електроенергетско поврзување од Црно море до Јадранско море, зголемување на капацитетите за пренос на електрична енергија и посигурна работа на системите“, потенцираше Спасов во своето обраќање пред присутните.

Досега, од овој проект, МЕПСО, преку грантови од истиот фонд, ги реализираше следниве активности: изработени се студиите за исплатливост на проектот и за влијанијата врз животната средина, завршена е процедурата во МЖСПП и е добиено решение за согласност за Студијата за ОВЖС. Во тек е потпишување на договор со консултант за изработка на целокупна техничка документација, исто така финансиран со грант од овој фонд, а по тоа ќе се исполнат сите услови за започнување тендерска постапка за избор на најповолен изведувач за изградба на новиот 400 kV далекувод на македонска територија и на нова 400/110 kV трансформаторска станица кај Охрид.

“Овој проект ќе го подобри балансирањето на двата системи на електрична енергија, ќе ги намали оперативните трошоци“, истакна Муент во своето обраќање.

Орав пред присутните истакна дека ЕУ обезбедува значајна поддршка за енергетските проекти преку ИПА фондовите и преку Инвестициската банка за западен Балкан. А министерот Незири се заблагодари на ЕБОР за постојаната поддршка за инфраструктурни енергетски проекти

Најважни бенефити од системското значење на од овој проект се следниве: зголемување на преносен капацитет на мрежата, создавање можност за приклучување на нови производни капацитети, а за нашиот систем е особено значајна новата трансформаторска станица во близина на Охрид што ќе ја зголеми доверливоста на мрежата и сигурноста во напојувањето со електрична енергија на тој регион. На национално ниво новиот проект ќе ги намали техничките загуби на електрична енергија во преносниот систем, а на регионално ниво ќе го подобри квалитетот на напојување со електрична енергија, ќе ја зголеми доверливоста на мрежата и ќе даде силна поддршка на развојот на регионалниот пазар на електрична енергија во Југоисточна Европа. Планирано е во 2016 година да се изработи комплетната техничка документација за проектот, електроенергетските објекти да бидат изградени до 2019 година. Вкупната очекувана вредност на проектот надминува 65 милиони евра.