Намален бројот на активни деловни субјекти во 2020 година

118

Бројот на активните деловни субјекти во Република Северна Македонија во 2020 година изнесува 73.061 и во однос на 2019 година е намален за 3,8%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Најмногу се намалил бројот на активните деловни субјекти во секторот Други услужни дејности (15,2%, односно за 911 субјекти) и во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (11,6%, односно за 26 субјекти). Во 2020 година, во однос на претходната, секторот Дејности на здравствена и социјална заштита бележи зголемување на бројот на активни деловни субјекти за 1,9%, а секторот Информации и комуникации бележи пораст од 1,4%.

Податоците за структурата на активните деловни субјекти по сектори на дејност покажуваат дека во 2020 година најголемо учество имаат секторите: Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли со 30,4% и Преработувачка индустрија со 11%. Најмала застапеност имаат секторите: Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (0,3%), Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (0,3%), Рударство и вадење на камен (0,3%) и Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (0,4%).

Податоците за структурата на активните деловни субјекти според бројот на вработени покажуваат дека најголемо учество од 82,1% имаат деловните субјекти со еден до девет вработени. Потоа следат деловните субјекти без вработени или субјекти со неутврден број вработени (без податок за вработени) со 8,3%, па субјектите со 10 до 19 вработени со 4,4%, потоа субјектите со 20 до 49 вработени, чие учество изнесува 3%, со 1,9% учествуваат субјектите со 50 до 249 вработени и само 0,3% од активните деловни субјекти имаат над 250 вработени.

Фото: Freepik