Научници отпечатија живи мозочни клетки

35

Истражувачи успеаја да отпечатат живи, функционални мозочни клетки на глувче во лабораторија, користејќи нова ласерска технологија. Тимот вели дека има уште долг пат за трансплантација на мозок, но новата технологија може да помогне во создавањето лекови.

Во студија објавена од Science Daily, научниците развиле иновативен метод за биопечатење на возрасни невронски клетки. Повеќето неврони, особено оние во ганглиите на дорзалниот корен, функционираат повеќе од два дена откако се печатат со помош на биопринтер.

Истражувачите забележуваат дека нивниот развој не е насочен кон печатење живи неврони за трансплантација. „Иако ова е долгорочна цел, ние сме многу далеку од тоа. Но, постојат многу други начини за користење на оваа технологија“, велат истражувачите.

Во моментов, главната цел на научниците е да помогнат да се откријат нови терапии и лекови преку технологијата на биопечатење на неврони. Печатените мозочни клетки може да се користат во медицински истражувања. Научниците сакаат да ги заменат лабораториските животни што се користат во фармацевтските тестови, со отпечатени неврони.

Таквиот пристап не само што ќе го намали бројот на животни кои страдаат и умираат во лаборатории, туку исто така може да ги направи претклиничките студии попрецизни. Тестирањето експериментални лекови на човечко ткиво би им помогнало на истражувачите подобро да разберат како функционираат, бидејќи третманите што се ефикасни кај некои видови, не функционираат кај други.