НБ: И натаму се зголемува ликвидноста на банките

41

Ликвидноста на банките и натаму се зголемува, главно како одраз на интервенциите со откуп на девизи на девизниот пазар од страна на Народната банка, меѓу другото, беше истакнато на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

Во август Народната банка откупи околу 88 милиони евра, во услови кога банките втор месец по ред имаа нето-откуп на девизи од нивните клиенти. Најголем придонес за ваквите движења има натамошната сезонски повисока понуда на девизи од страна на менувачниците, но и умереното намалување на нето-побарувачката за девизна ликвидност од страна на корпоративниот сектор. Покрај овие движења, врз високиот месечен износ на интервенции на Народната банка придонес имаше и активниот пристап на управување со девизната актива од страна на банките, со оглед на негативните приноси на меѓународните финансиски пазари. Поволните движења на девизниот пазар продолжија и во првата седмица од септември.

Во услови на натамошно зголемување на денарската ликвидност, банките имаа умерена потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити. Банките го насочуваа вишокот слободни денарски парични средства кон расположливите депозити кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за август покажуваат натамошен раст на годишна основа, при што засега нема поголеми отстапувања во однос на  очекувањата.

Во однос на најновите макроекономски показатели, според објавените проценети податоци за БДП, економската активност продолжи да расте и во вториот квартал на 2019 година, со реална годишна стапка на раст од 3,1% (4,1% во првиот квартал). Растот е движен од домашната побарувачка, при натамошен раст на личната и јавната потрошувачка и на бруто-инвестициите, додека нето-извозот има негативен придонес. Во првата половина од годината, растот на БДП изнесува 3,6% и е малку поумерен од очекуваниот за овој период од годината. Високофреквентните показатели за економската активност во јули упатуваат на натамошен раст, но бројот на расположливи показатели засега е ограничен за извлекување посигурни констатации за растот во третиот квартал. Согласно со априлскиот циклус проекции, се очекува дека растот на економијата во 2019 година ќе достигне 3,5%.

Остварената просечна годишна стапка на инфлација за првите осум месеци од годинава изнесува 1,1%, при што растот на цените е помал од очекуваниот. Воедно, очекувањата за движењето на странските цени, коишто влијаат врз домашните цени, се надолно ревидирани. Следствено, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година од 1,5% засега се оценуваат како претежно надолни.

Општо земено, Комитетот заклучи дека последните макроекономски показатели и оцени упатуваат на одредени отстапувања во однос на проектираната динамика, но согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се главно непроменети во однос на претходната оцена. Притоа, повторно се укажа на неповолните ризици од надворешното окружување, коишто се понагласени во споредба со периодот на изготвување на априлските проекции. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Фото: Pixabay