НБРМ: Пад на каматните стапки на вкупните кредити во септември

12

Каматните стапки на вкупните кредити во септември бележат минимален пад во однос на август, за 0,1 процентен поен и изнесуваат 6,3%, додека каматните стапки на вкупните депозити седми месец по ред остануваат на ниво од 1,8%, покажуваат податоците на Народната банка на Република Македонија.

Во септември, каматните стапки на новоодобрените кредити изнесуваат 5,8%, при минимален месечен пад од 0,1 процентен поен, додека каматните стапки на новопримените депозити забележаа месечен раст од 0,2 процентни поени и изнесуваат 1,6%.

Во истиот период, каматната стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор изнесува 6% и во однос на претходниот месец е пониска за 0,1 процентен поен. Намалувањето произлегува од благиот пад на стапките на денарските кредити. Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор во септември изнесува 5,8% и е непроменета во однос на претходниот месец.