ОКТА: Висока профитабилност во услови на енергетска криза и рекордни меѓународни цени на горивата

33

Позитивните резултати главно ја одразуваат зголемената побарувачка за горива на домашниот и извозниот пазар, што го неутрализира негативното влијание на енергетската криза врз оперативните трошоци. Приходите од продажба изнесуваа 27.716 милиони денари во првото полугодие од 2022 година, што претставува зголемување од 182%  во однос на истиот период од минатата година. Бруто маржата достигна 1.164 милиони денари во првите шест месеци од годинава, значително надминувајќи го резултатот од 554 милиони денари постигнат во истиот период претходната година.

Прилагодената ЕБИТДА во првото полугодие од 2022 година изнесуваше 292 милиони денари, што претставува зголемување за 66% во однос на истиот период минатата година, и е придобивка од порастот на вредноста на залихите, како резултат на растот на глобалните цени на нафтата.

Ефектите од геополитичките тензии и пазарните импликации

Новонастанатите геополитички тензии ја интензивираа енергетската криза во Европа, уште повеќе зголемувајќи ги цените на природниот гас и електричната енергија, што негативно влијае врз потрошувачите и индустријата. Постепеното воведување на санкции од страна на ЕУ и ембаргото на нафтата ги натера повеќето европски земји да го намалат па дури и да го прекинат увозот на руски нафтени производи и гас, што предизвика нерамнотежа помеѓу побарувачката и понудата. Овие движења значително ги зголемија цените на суровата нафта и гасот. Во овие околности, државата ги врати од „ладна резерва“ постројките за производство на електрична енергија кои работат на мазут. ОКТА успеа значително да придонесе за обезбедување на потребните количини на мазут, и покрај недостатоците на количини во регионот.

Зголемена побарувачка на домашниот и извозниот пазар на горива

Во споредба со првата половина од 2021 година, на која влијаеа мерките за ограничување на движењето, зголемениот обем и придонес на домашниот и извозниот пазар се должи на закрепнувањето на побарувачката, особено за дизел и керозин.

Поради работата на електраните во екот на актуелната енергетска криза, има зголемена побарувачка за мазут. Од друга страна, зголемените инфлациски притисоци ги зголемија оперативните расходи за 12% споредено со истиот период минатата година. ОКТА успешно ги надмина предизвиците со кои се соочува во еволуирачкото пазарно опкружување, исполнувајќи ја својата стратегија со истовремено почитување на строги здравствени и безбедносни стандарди во услови на континуирани ефекти од здравствената криза, гарантирајќи им непречени услуги на потрошувачите. Оттука, ОКТА го заврши првото полугодие од 2022 година со значително подобрена профитабилност, при што ЕБИТДА достигна 976 милиони денари, значително надминувајќи ги 394-те милиони денари генерирани во истиот период минатата година. Во вториот квартал од 2022 година, ЕБИТДА достигна 449 милиони денари, далеку надминувајќи ги 196-те милиони денари од вториот квартал од 2021 година.

Како што беше претходно споменато, на овие резултати најмногу влијаеше зголемениот обем на продажба, заедно со значајниот позитивен ефект од вреднувањето на залихите во висина од 684 милиони денари, наспроти 218 милиони денари во 2021 година. Менаџментот на ОКТА продолжува внимателно да ја следи ситуацијата, бидејќи флуктуациите на цените на суровините може да влијаат на вреднувањето на залихите, што може да имплицира засилена неизвесност во однос на објавените резултати за следните квартали.

Информации во врска со спорот со Царинската управа на Република Северна Македонија

Во 2019 година, Царинската управа на Република Северна Македонија спроведе ревизија во ОКТА во врска со акцизите за увозот на еуродизел за фискалните години 2014-2018. Сметајќи дека акцизите поврзани со овој увоз не биле правилно пресметани, на крајот на годината тие издадоа релевантни решенија за фискалната година 2014 со кои беа изречени дополнителни износи од 23,4 милиони денари (380 илјади евра), кои беа исплатени на почетокот на 2020 година.

Заклучно со 30.06.2022 година, властите имаат издадено уште 908 решенија за фискалните години 2015, 2016, 2017 и 2018, изрекувајќи дополнителни суми од 1.083 милиони денари (17,5 милиони евра). Сите решенија добиени до денот на објавување на ова соопштение беа исплатени во текот на 2022 година. Уплатениот износ од 1.083 милиони денари (17,5 милиони евра) го вклучува главниот долг (ДДВ + акциза) и дополнителната пресметана камата до датумот на плаќање. Особено во однос на ДДВ, веќе е платена сума од 101,2 милиони денари (1,64 милиони евра), а на ОКТА досега ѝ се вратени 99,7 милиони денари (1,62 милиони евра) преку ДДВ механизмот.

Против вкупно 949 решенија издадени од Царинската управа, Друштвото во текот на 2019, 2020, 2021 и 2022 година поднесе 910 тужби за поведување управни спорови, барајќи нивно целосно поништување поради суштински прекршувања на процедуралните правила од страна на царинските органи и нивни пропусти при целосното и правилно утврдување на фактите за случајот, како и за правилното применување на релевантните закони. Од вкупниот број поднесени тужби, 171 беа отфрлени од Вишиот управен суд.

За преостанатите решенија кои беа добиени во текот на јуни, Друштвото планира да поднесе нови тужби во предвидениот рок.

Друштвото останува на ставот дека постапувало во целосна согласност со сите релевантни закони, како и добиеното стручно мислење и има намера да ги оспори ваквите решенија до највисоките судски органи.

Благодарница за лабораторијата на ОКТА

На лабораторијата на ОКТА АД – Скопје ѝ беше доделена Плакета од Институтот за акредитација за долгогодишната соработка и придонес во националната инфраструктура за квалитет. Покрај ова, лабораторијата на ОКТА се стекна со сертификат за ре-акредитација со важност до 2026 година. Опремена со најсовремени апарати, лабораторијата на ОКТА е првата акредитирана лабораторија во земјата за тестирање, по стандардот MKS EN ISO/IEC 17025 и го поседува сертификатот бр. ЛТ 001.

ОКТА постојано го следи опкружувањето полно со предизвици, со цел да обезбеди редовно и непречено снабдување со најквалитетни горива на локалните и соседните пазари, продолжувајќи да расте и да придонесува кон општеството и посветено да ги применува сите мерки и препораки на Владата и другите релевантни државни институции, насочени кон спречување на ширењето на вирусот во земјата.