Остриот пораст на цените на храната и енергијата турна 71 милион луѓе во екстремна сиромаштија

25

Поради големиот пораст на цените на храната и енергијата во светот од март, за само три месеци, 71 милион луѓе од најсиромашните земји паднале во екстремна сиромаштија, се вели во извештајот на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) објавен во четвртокот.

Овој забрзан пад во сиромаштија е „многу побрз од шокот предизвикан од пандемијата Ковид 19“, се вели во соопштението на УНДП, во кое вината за ненадејниот пораст на цените делумно се препишува на војната во Украина.

Според програмата на УНДП, „директниот трансфер на пари до домаќинствата е поправеден и попрофитабилен од општите субвенции за енергија“. Во исто време, УНДП смета дека на засегнатите земји ќе им биде потребна мултилатерална поддршка за да „се врзат крај со крај“.

„Додека каматните стапки се зголемуваат, како одговор на скокот на инфлацијата, постои опасност од создавање нова сиромаштија предизвикана од рецесија која дополнително ќе ја влоши кризата, забрзувајќи ја и продлабочувајќи ја сиромаштијата во светот“, предупредува УНДП во извештајот.

Анализата на 159 земји во развој покажа дека зголемувањето на цените оваа година веќе силно погоди делови од субсахарска Африка, Балканот, Азија и други делови од светот, рече директорот на УНДП, Ахим Штајнер.

Меѓу земјите со најдраматични последици од поскапувањата се Ерменија, Узбекистан, Буркина Фасо, Гана, Кенија, Руанда, Судан, Хаити, Пакистан, Шри Ланка, Етиопија, Мали, Нигерија, Сиера Леоне, Танзанија и Јемен.

„Невиден скок на цените значи дека за многу луѓе во светот храната што би можеле да си ја дозволат повеќе не е достапна“, рече Штајнер.

Поради ова зголемување на трошоците за живот, многу луѓе западнаа во сиромаштија, „со опасност од страшен глад“, а паралелно со тоа „од ден на ден се зголемува заканата од зголемени социјални немири“, додаде тој, пренесува SEEbiz.